Здружението на инфлуенсери и креатори на дигитални содржини остро реагира на изјавата на директорот на Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), дадена за Слободен печат, во која, според нив, се имплицира дека инфлуенсерите избегнуваат регистрација „за да не се види од каде им се парите“.
Од Здружението оценуваат дека ваквата квалификација е „неоснована, навредлива и опасна“, бидејќи, како што наведуваат, инфлуенсерите во Македонија не заработуваат нелегално и не работат без договори. Тврдат дека секоја соработка – било преку маркетинг агенција или директно со компанија – се реализира со договор, а исплатите се вршат преку трансакциски сметки и се оданочуваат согласно законските прописи.
„Да се сугерира дека инфлуенсерите прикриваат приходи или избегнуваат даночни обврски значи директно да се етикетира цела индустрија како сомнителна. Тоа не е регулаторен пристап, туку јавно дискредитирање“, наведуваат од Здружението.
Оттаму изразуваат загриженост што, според нив, првичниот наратив на ААВМУ за заштита на потрошувачите се префрлил кон „имплицитни даночни сомнежи“, посочувајќи дека АВМУ не е даночен орган ниту има надлежност да ја презема улогата на Управа за јавни приходи.
Дополнително, велат дека до нив стигнале информации оти кон компании и брендови се пласира теза дека можат да соработуваат со инфлуенсери само ако се регистрирани, што, според Здружението, нема законска основа и создава конфузија на пазарот.
Од Здружението порачуваат дека не бегаат од транспарентност и регулација, но бараат таа да биде законита, пропорционална и усогласена со европските практики, а не резултат на еднострани толкувања и медиумски притисок. Понудата за дијалог, велат, останува отворена.
Фото извор: Freepik



