„Имам право на знаковен јазик“ – младите глуви и наглуви лица бараат образовна инклузија

Откако млади од програмата за активизам на Младинскиот образовен форум, во соработка со младинската организација за глуви и наглуви лица „Млад знак“, испратиле барања до Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и националниот медиум „МРТВ“, тие решиле да снимат и видео апел.

„Имам право на знаковен јазик“ е видео кое има за цел да го потенцира проблемот со кој се соочуваат младите глуви и наглуви лица, да ги повика институциите за одговор на барањата и соодветно решавање на ситуацијата.

„Видеото цели и кон повикување на институциите за одговор на барањата и писмата со препораки кои се испратени за соодветно решавање на ситуацијата. Од исклучителна важност е зголемувањето на содржините, креативноста и квалитетот на воспитно-образовните програми и моделите на учење од далечина. Но, поважно e тие да бидат достапни за сите ученици без разлика на нивните лични состојби и попречености“, вели Панде Ефтимов од програмата за активизам при МОФ, додавајќи дека учениците со попреченост мора да имаат еднаков пристап до образование како нивните врсници.

Во продолжение, погледнете го видеото изработено од Младински образовен форум и Млад знак.