„Имам нешто да ти кажам“ – нова платформа за младите во Охрид

Поетските читања кои подолго се организираат во Охрид под насловот „Имам нешто да ти кажам“ се селат на нова платформа, во вид на Јутјуб емисиjа.

Идејата на Јован Цветкоски, која ја разработува со Виктор Крстаноски задолжен за техниката, камерата и монтажата, е да се понуди платформа каде што ќе може слободно да се разговара на многу теми.

„Имам нешто да ти кажам е нов концепт кој почна како поетско читање во ‘Шила’, а сега го проширивме во форма на подкаст/емисија. Едноставно платформа во која ќе може луѓето, првично охриѓани да го кажат тоа што им лежи на срце, без пречки. Ќе се разговара на разни теми, разни луѓе и области, за култни места и настани, конструктивна критика за општеството и потребите на луѓето, едноставно овозможување каде секој може слободно да се изрази“, изјави Цветкоски за Радио МОФ.

Емисиите кои се снимаат во кафе-барот „Шила“ се објавуваат секој петок во 18 часот, а на нивниот Јутуб канал е објавена веќе првото издание каде гостуваат Дамјана Видическа и Теодор Тасевски кои неколку пати биле дел од првичниот концепт на „Имам нешто да ти кажам“, поетските читања.