Повеќе од 20 илјади луѓе учествуваа во анти-владините протести во Букурешт со цел да се спречат измените на судскиот систем кои сака да ги донесе владејачката Социјалдемократска партија.
Демонстрантите стравуваат дека реформите ќе го стават судството под политичка контрола, оневозможувајќи го просторот за анти-коруптивни истраги.
Со извици „Правда, не корупција“ и „Не сакаме држава на крадци“, граѓаните маршираа до романскиот Парламент.
„Како може да верувате на волци да прават закони во трло со овци“, напишал на Фејсбук, поранешниот премиер Дасиан Чиолос пред да се приклучи на протестот во главниот град.
Најспорните судски промени се оние кои предвидуваат инспекција која ќе го контролира однесувањето на правосудството – како начинот на кои се избира јавниот обвинител, како и тоа што предвидено е претседателот на инспекцијата да има право да стави вето на кандидати.
Романските обвинители, последнава деценија, во борбата против корупцијата покренаа истраги против стотици функционери и поранешни премиери.
Транспаренси Интернешнал ја рангира Романија меѓу најкорумпираните држави во Европската Унија.
Предложените реформи во судството беа критикувани и од Европската Комисија, странските дипломати и илјадници правници.