Или работа овде, или парите назад – хрватскиот министер ги шокираше студентите

„Оние кои ќе завршат факултет, а сакаат да се отселат, нека ги вратат парите. А оние кои остануваат во Хрватска, нека си основаат старт-ап бизнис“. Со ова изјава Ведран Морнар, министерот за наука, образование и спорт на Република Хрватска ги шокираше студентите и професорите

Министерот Морнар, кој синоќа гостуваше во емисија  „Пресинг“ на  „N1“ телевизијата, освен што зборува за моменталните проблеми во Хрватска, тој понуди и прагматично решение за хрватскиот проблем со „одливот на мозоци“.

„Оние кои ќе завршат факултет, а сакаат да се отселат, нека ги вратат парите. А оние кои остануваат во Хрватска, нека си основаат старт-ап бизнис“.

Зборувајќи за проблемот со иселувањето на високообразовани млади лица надвор од Хрватска, министерот ги бранеше своите погледи во однос на животниот пат на младите кои завршуваат факултет во Хрватска.

„Грубо звучи, но знаењето чини и е мерливо. Перцепцијата дека образованието е бесплатно е штетна, бидејќи сѐ што е бесплатно не чини“, истакна Морнар.

„Сметам дека би било разумно за студентите кои се школуваат на сметка на државата да се воведе обврска да останат некое време во Хрватска, или да ги вратат парите ако се преселат во странство. Тоа го направија многу подемократски земји од Хрватска, како на пример Англија. Мене тоа ми е разумно. Јасно е дека некои се против. Мене ми се чини дека е етички човек во кој се вложиле 200, 300, 400, 500 илјади куни, колку што чинат просечните студии, барем преку данок да врати дел од тие пари. Јас сум за тоа на секој студент да му се издаде сметка за тоа колку чини една година и на сметката да пишува дека ова 100 проценти го платила државата“, заклучил министерот Морнар.

Одговарајќи на прашањето тоа што им преостанува на младите кога во Хрватска не би можеле да најдат работа откако ќе дипломираат, Морнар одговара дека секој студент за време на студиите би требало да добие доволно знаење кое ќе му биде доволно за  да основа своја старт-ап компанија.

Јавноста во Хрватска денеска не остана без реакција на ваквите изјави. Споредбата со Британија не е фер кон хрватските студенти, се вели во анализата на хрватски „Индекс“.

„Споредбата со британскиот систем е неадекватна и не е фер кон хрватските студенти, кои немаат ни малку слични услови како британските студенти“, смета Миро Алавања, раководител на Канцеларијата за односи со јавност на Собранието на студенти на факултети и виши школи на Хрватска.

„Мислам дека тоа е тема која е далеку посложена, и во која не би требало да се впуштаме само површно. Но универзитетите, од друга страна, немаат доволно допир со трговијата, со пазарот на труд. Младите луѓе кои излегуваат од факултет немаат ни допир со практичната работа. Затоа и не може да се очекува секој кој има високо образование да биде способен да води своја фирма“.

„Ако е решението младите да останат во Хрватска, како тоа имаме една од најголемите невработености на младите високообразовани лица во ЕУ? Нешто не им одат старт-ап компаниите? Веројатно затоа што знаењето им е супер усогласено со потребата на пазарот на труд, или пак пазарот е ’глупав’ и тоа не го сфаќа?“, вели и професорот Дејан Винковиќ.

„Не е проблем одливот, туку приливот на мозоци“, додава тој.