ИЈЗ: Намалување на бројот на новозаразени со Ковид-19 за речиси 31 отсто

Од 28 декември 2020 до 3 јануари 2021 година во земјава се регистрирани 2.329 новозаразени со Ковид-19, односно, намалување од 30.9% во однос на неделата претходно. Ова го покажуваат податоците во најновиот неделен извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објави денеска Министерството за здравство (ИМЗ).

Регистрираните нови случаи се од 33 градови во државата, додека најголем дел од нив се од Скопје, односно 1.086 случаи или 46.6 отсто.

Истовремено, во извештајот се посочува дека во тој период се тестирани вкупно 10.778 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, т.е. намалување од 17.9% во однос на минатата недела.

„Во периодот на известување процентот на позитивни од тестирани случаи на SARS-CoV-2 изнесува 21.6% намалување од 4.1% во однос на минатата недела“, стои во извештајот на ИЈЗ.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, додека најзастапена, како што посочуваат оттаму, е возрасната група на лица на возраст над 60 години, односно, 688 случаи или 29.5 отсто.

„Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59, 440 или 18.9%, од 40-49, 404 или 17,3%, од 30-39, 392 или 16,8% и од 20-29, 263 или 11.3%“, информираат од ИЈЗ.

Најмал број на новозаразени, од ИЈЗ посочуваат дека е регистриран кај децата од 0 до 9 години, односно 38 случаи или 1.6 отсто и кај возрасната група од 10 до 19 години, 104 случаи или 4.5 отсто.

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 3.884 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, велат од ИЈЗ.

Во периодот од 28 декември до 3 јануари, пријавени се 93 смртни случаи од 22 града, со намалување од 27.9 отсто во однос на минатата недела, соопштуваат од ИЈЗ. Што се однесува на возраста пак, 77 лицa од починатите биле над 60 години, 11 лица на возраст од 50-59 години, четири лица на возраст од 40-49 години и еден смртен случај е пријавен од возрасната група 30-39 години.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 28 декември 2020 до 3 јануари 2021 г. како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје.