ИДУЕП: Коронавирусот ја истакна неопходноста од дигитализација на општеството

Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) поднесе иницијатива за граѓанска и натпартиска платформа за дигитализација до политичките чинители и државниот врв со цел да ја истакне важноста и потребата од брза дигитализација на сите јавни сфери.

Целта е политичките чинители во пресрет на изборите, а во рамките на своите платформи, програми и заложби, како една од своите приоритетни определби да ја постават дигитализацијата како процес ориентиран кон полесно и поефикасно реализирање на потребите на граѓаните. Според претходно доставената иницијатива од страна на ИДУЕП за градење на заедничка национална и натпартиска платформа, се предлага дигитализација како процес да се спроведе брзо и ефикасно, почнувајќи уште од првиот месец од завршувањето на изборите/формирањето на Владата.

„Доколку и претходно како организација бевме убедени во потребата од брзо прилагодување и изградба на одржливо дигитално општество според потребите на граѓаните, пандемијата предизвикана од коронавирусот во изминативе неколку месеци дополнително ја потврди оваа заложба и ја интензивира потребата од нејзино спроведување.  Новонастанатата ситуација и потребата од справување со Ковид-19 ги смени потребите и навиките на пошироката јавност и не натера сите за многу кратко време да ги согледаме предизвиците и придобивките кои ги носи новото време, но и забрзано да се прилагодиме на дигиталната трансформација на сите сфери почнувајќи од образованието, економијата, јавните услуги, како и во сите останати општествени сфери“, велат од Институтот.

Оттука, со оваа инцијатива, сакаат да поттикнат промена во начинот на дејствување на партиите и поставување на дигитализацијата на општеството како натпартиска платформа која е од интерес на секој граѓанин.

Во оваа насока како многу мал дел од конкретните примери ги издвојуваат:

  • Дигитализација на образованието (пр. прилагодување на наставата на дигитални извори и платформи за време на наставата и домашните работи; изработка на курикулум за дигитална писменост и заштита од онлајн ризици за учениците во текот на целото образование…)
  • Дигитализација во здравството (пр. дигитализација насочена кон персонализиран пристап за секој граѓанин што ќе овозможи поефикасни здравствени услуги, како и поефикасен третман, намалување на грешки и подигање на свест за заштита на здравјето на луѓето; мобилна апликација која ќе овозможува брзо закажување на термини за редовни контроли наменети за сите граѓани…)
  • Дигитализација во заштитата на животната средина (пр. дигитални уреди кај инспекторите за лесно откривање на потенцијалните загадувачи и нивно дигитално поврзување на јавна платформа…)
  • Дигитализација во делот на внатрешните работи и заштита на безбедноста во сообраќајот (пр. дигитализација на паркинзите и улиците со цел неселективно казнување на прекршителите по пат на e-пошта или достава на домашна адреса со што ваквиот пристап се очекува да ја намали и гужвата во сообраќајот и позитивно да влијае на еко системот; мобилна апликација преку која граѓаните ќе добиваат известување за закажан термин за лични документи пред истекот на нивниот рок и истиот ќе можат а го прилагодуваат на своите потреби…)
  • Дигитализација во делот на трговијата (пр. поддршка за бизнис заедницата во имплементирање на е-трговија како можност македонската економија да се отвори и заработи на светскиот пазар…)
  • Дигитализација во делот на поддршка на младите (пр. поддршка од страна на државата за активна фриленс работа на младите преку глобалните мрежи и поттик заработените пари слободно да ги вложуваат во домашните банки и економија…)
  • Дигитализација преку преквалификација (пр. Многу поголем обем на бесплатни курсеви за преквалификација на заинтересираните граѓани во ИТ индустријата – според сите статистики на ДЗС платите во оваа индустрија се едни од најбараните и најголемите со просек од околу илјада евра…)
  • Дигитализација во локалните самоуправи (пр. апликација која ќе ги сумира сите проблеми кои ги пријавуваат граѓаните, ќе овозможува активно следење во реално време од страна на медиумите и јавноста на процесот на нејзина реализација и можност за поставување на дополнителни прашања и коментари…)

Дигитализацијата, појаснуваат,  претставува партнерски процес насочен кон зајакнување на улогата на медиумите во општеството, како и целосна одговорност на властите кон граѓаните. Токму дигитализацијата и јавното објавување на информации од делокругот на институциите на дигиталните платформи, ги прави изложени на опсервација, критика и различни мислења. Со ваквиот пристап, додаваат, ќе се подигне нивото на јавниот дискурс во медиумите, како и јавната свест за правата кои граѓаните ги имаат (граѓаните ја финансираат работата на јавните институции и функционери, а не обратно како што понекогаш (не)намерно се истакнува).