Идниот месец ќе се знае колку линдан остана во ОХИС и колку ќе чини чистењето

Колку точно линдан останува во малата депонија во ОХИС и колку време и пари ќе бидат потребни за нејзиното целосно расчистување ќе се знае во текот на јуни. Испитувањата на мострите се завршени, а тимот на УНОПС заедно со домашни и меѓународни експерти подготвува извештај што ќе му биде презентиран на министерот за животна средина, Изет Меџити, и на претставници на Владата кон крајот на месецов, пишува новинската агенција Мета.мк.

Новото ископување на линдан и контаминирана земја, кое претходно беше најавено за април, сè уште не е започнато. Последната активност на терен се реализираше од март до јуни 2023 година, кога беа ископани 450 тони ХЦХ отпад и 250 тони загадена земја.

Во Мултипартнерскиот фонд, од кој се финансира расчистувањето на депонијата, во моментов има околу 400.000 долари. Се очекуваат и дополнителни 200.000 долари од буџетот на Министерството за животна средина и просторно планирање, како предуслов за почеток на новата фаза од чистењето.

Од министерството информираат дека анализата на мострите е направена во февруари и март годинава, а нацрт-извештајот е доставен до УНОПС и до институциите на крајот од април. Анализата не се однесува само на количината на преостанат отпад, туку и на потребната сума за да се доврши проектот, кој трае од 2021 година.

„Во моментот тимот на УНОПС заедно со експерти од областа на животна средина вршат анализа на резулатите, како и финансиска проценка за комплетирање на чистењето на малата депонија. Резулатите од испитувањата, заедно со финансиската проценка, ќе бидат презентирани на министерот за животна средина и на претставници на Владата кон крајот на мај“, информираат од Министерството.

Од почетокот на чистењето на депонијата пред три години, досега се исчистени првите два базени, како и околу 75 отсто од третиот, од вкупно пет, на кои е поделена малата депонија. Сите ископани количини, 1.969 тони линдан (ХЦХ отпад) и 586 тони контаминирана земја се извезени на уништување. Собраниот линдан е транспортиран и уништен во Треди во Франција, додека почвата контаминирана со ХЦХ  се транспортира во постројката Индавер во Германија. Истражувањата беа направени заради тоа што се покажа дека концентрацијата на отпад во малата депонија е за 25 отсто повисока од првично проценетите количини.

Погонот за линдан во фабриката работел од 1964 до 1977 година, кога било прекинато производството од еколошки причини. Во тој период биле произведени околу 2.800 тони линдан, што резултирало со околу 25.000 тони неактивни изомери, кои несоодветно биле расфрлани и кои до денес се опасност за контаминација на воздухот, водите и почвата во Скопје.

Во дворот на ОХИС, веднаш покрај малата се наоѓа и големата депонија со линдан, за која се претпоставува дека дека има околу 50.000 тони линдан. Покрај овие две, закопан линдан има и во месноста Пеленица кај Драчево каде лежат околу 40.000 тони чист ХЦХ и уште 6.500 тони мешан, заедно со отпад од фабрика за стакло.

Според податоци од ОН, контаминацијата од линданот потенцијално ги загрозува животите на стотици илјади скопјани. Додека малата депонија се чисти, останува клучното прашање – дали ќе има политичка волја и финансиски капацитет за целосно решавање на најголемата еколошка закана во Скопје.

Мета.мк