И денеска екстремно загаден воздухот во Македонија, ДОМ бара вонредна состојба

Воздухот низ Македонија и денеска беше загаден неколку пати над дозволените граници. Во скопскиот регион на мерните станици во „Лисиче“ и „Ректорат“ беа измерени над 200 ПМ-10 честички, во западниот регион најлошо беше на мерната станица „Битола 2“, каде во 11 часот се регистрираа 450 ПМ-10 честички, додека во источните делови најзагадено беше во Куманово со 250 ПМ-10 честички на пладне.

Демократската обнова на Македонија (ДОМ) поради екстремното аерозагадување побара Владата да прогласи вонредна состојба.

„Тоа е последна можност граѓаните да ја запомнат владата во заминување барем по нешто полезно за нивното здравје, зошто податоците за 1200 смртни случаи и финансиски загуби од 250 милиони евра годишно како резултат на загадениот воздух се поразителни“, рече портпаролката на партијата Маја Морачанин.

Загадувањето со ПМ-10 честички изминатиот месец, во сите региони на Македонија

Од партијата истакнаа дека Владата требала уште на почетокот на зимата да го свика меѓусекторското координативно тело, кое на експресен начин би ги утврдило состојбите со загадувањето и да ги задолжи институциите да преземат мерки за справување со загадениот воздух.

Тие побараа воведување на повеќе мерки, меѓу кои и пар-непар режим на сообраќај и забрана за движење на возилата под еуро4 стандард, бесплатен јавен превоз, со повеќе автобуси и во градовите каде што го нема, евтина дневна тарифа за струја на домаќинствата, затворање на градилиштата, зелена зона за пешаци и велосипедисти во центарот на градот и строга контрола на индустриските објекти.