Продолжува стрип конкурсот „Велес 2016“, се зголемува интересот од домашните автори

Претставници на Рашката школа за стрип од соседна Србија ќе бидат првите специјални гости кои ќе учествуваат на годинашниот интернационален стрип салон „Велес 2016“ што ќе се одржи кон средината на октомври, објави Стрип центарот на Македонија (СЦМ) – Велес.

Од таму нагласуваат дека листата на интернационалните гости се уште не е завршена и, најверојатно, ќе се пополни од редот на учесниците на овогодинешниот стрип конкурс.

Традиционално, од авторите од истиот конкурс ќе се изберат и домашните стрип автори кои ќе учествуваат на стрип манифестацијата. Овој конкурс завршува на 20 септември, а заинтересираните може да се информираат на веб сајтот www.comiscenter.mk.

Организаторите се задоволни од динамиката на пристигнати стрипови. На ланскиот конкурс пристигнале рекордни 228 дела од 42 држави, а досега е пристигнато 181 стрип дело.

„Она што е забележливо е континуираното зголемување на учеството на автори од нашата земја, не само од поновата, туку  и реактивирање на стрип автори од т.н. ’средна генерација’, неправедно запоставени во минатото“, велат од СЦМ.

Ова е уште еден доказ, нагласуваат во СЦМ, дека е неопходно  ослободување од разни затворени кругови и отварање кон потребите на се побројната стрип сцена кај нас.

Инаку, интернационалниот стрип салон во Велес има големо влијание за стимулирање на македонската стрип сцена, овозможувајќи контакти со стрип автори, фестивали и менаџери од други земји, а воедно е и место кадешто дел од авторите ги нацртале своите први стрипови.

Активностите врзани за стрип салонот ги натера организаторите да овозможуваат негова промоција и во други градови, пред се во Скопје, каде наскоро се предвидени два стрип настана.