Уставниот суд во Загреб пресуди дека геј пар може да посвои дете

После долга легална битка, хрватскиот суд се изјасни дека истополови партнери имаат право да посвојат деца – одлука која поддржувачките групи ја нарекоа „историска“.

Уставниот суд во Загреб пресуди дека хомосексуалните партнери Иво Сегота и Младен Козиќ, имаат право да станат посвојувачи.

Асоцијацијата „Rainbow Family“ која ги сплотува ЛГБТ паровите и индивидуалците кои имаат или сакаат да имаат деца, ја поздрави одлуката на судот.

„Ова е прв пат каде суд во Република Хрватска ја потврди меѓународнска судска пракса и пресудите на Европскиот суд за човекови права, според кои паровите од ист пол мора да бидат еднакво третирани како хетеросексуални парови“ – велат од здружението.

Пресудата го обврзува Министерството за демографија, семејство и социјална политика кое првично го одбило барањето за посвојување на парот, да го повтори процесот и во рок од 60 дена да донесе нова, недискриминаторска одлука за овој случај.

Сегота за весникот „Јутарњи лист“ изјавил дека по интервјуата и психолошката проценка, тие како пар добиле позитивно мислење од надлежните служби, но по завршената постапка не добиле никаков одговор.

Во декември 2017, Центарот за социјална помош го известил парот дека нема законски услови за покренување на постапка за дозвола бидејќи тие биле во „животно партнерство“, правен термин кој се користи за истополовите бракови во Хрватска.

„Ние веднаш упативме жалба кон министервото во врска со одлуката, но тие ја отфрлија. Немавме друга опција освен да започнеме легална постапка“ – изјавил Сегота.

Даниел Мартиновиќ од Асоцијацијата „Rainbow Family“ дополнил дека Сегота и Кожиќ не се единствениот пар кои сакаат да посвојат деца и биле одбиени од министерството.

„Нивниот храбар чин, јавно присуство и одобрувањето на оваа правна битка за време на која тие имаа целосна поддршка од Асоцијацијата „Rainbow Family“, е преседан за другите парови кои сакаат да го прошират своето семејство на овој начин и да обезбедат топол дом, љубов, секојдневна поддршка и подобра иднина на децата кои го поминуваат своето детство во домовите за деца без родители“, изјавил Мартиновиќ, повикувајќи ги и другите хомосексуални партнери да побараат легална помош.

Во декември минатата година, хрватскиот парламент донесе нов закон за посвојување кој стапи на сила на почетокот на оваа година, но ги исклучува истополовите партнери да посвојат деца. Асоцијацијата „Rainbow Family“ поднесе жалба до Уставниот Суд во февруари, барајќи пресуда за тоа дали новиот закон за посвојување е во согласност со хрватскиот устав.

Извор: BalkanInsight