Хрватска ќе вдоми дел од децата мигранти од камповите во Грција

Хрватска ќе прифати одреден број деца без придружба, односно, деца кои се сами, без родители, роднини или старатели во бегалските кампови на грчките острови, потврдија од хрватската влада, пишува „Вечерњи лист“, а пренесува „Индекс.хр“.

Точниот број на децата кои треба да бидат префрлени во Хрватска сѐ уште не е познат, но планот е кога ќе допатуваат во Хрватска тие да бидат вдомени. Околу планот за повлекување деца без родителска придружба беше дискутирано на вонредниот состанок на министрите за внатрешни работи на Европската унија минатата недела, заради тоа што Грција побара помош од останатите земји членки.

„Ова е една од акциите кои ЕУ ги презеде кон Грција“, појасни министерот за внатрешни работи на Хрватска Давор Божиновиќ.

За разлика од задолжителните квоите кои претходно беа пропишани за згрижување бегалци, ова е потполно самостојна одлука на секоја држава, а ЕУ не бара обврзување.

Со цел да се избегне можната злоупотреба на статусот „дете без придружба“, бидејќи децата понекогаш се користат како средство за добивање азил на едно семејството, од комесарот за внатрешни работи Илва Јохансон беше побарано да се направи детална проверка на статусот на секој малолетник без придружба, особено на оние кои ќе бидат префрлени во Европа.