Хрватот што чита лектири пред Влада и „Културно ехо“ на ENGAGE 2019

Младиот хрватски режисер кој со месеци пред Владата ги чита укинатите лектири од училиштата, Ловро Крсник и претставниците на иницијативата „Културно ехо“, Симона Димковска и Мартин Анастасовски, се меѓу говорниците на осмото издание на ENGAGE – Kонференција за социјален активизам која ќе се одржи на 18 мај.

Со 10 говорници, 300 гости во публика и видео-пренос, ENGAGE и оваа година ќе обезбеди едукација, интеракција и инспирација за индивидуалци, групи и организации чија цел е да го подобрат општетството во кое живееме.

Ловро Крсник доаѓа на ENGAGE за да ја раскаже приказната за иницијативата #ИПонатамуЧитам која се роди како протест поради  укинувањето на лектирите како Дневникот на Ана Франк, Малиот принц, Пипи Долгиот Чорап или Куќата на ежето од страна на хрватските институции. Неговата иницијатива започна пред три месеци, кога на Плоштадот Свети Марко, пред влезот на хрватската Влада, ја отвори книгата Малиот принц и почна да ја чита на глас. Оттогаш, секој ден по еден час доаѓа на истото место и чита некоја од книгите кои „исчезнаа“ од списокот на лектири во новите наставни програми.

Симона Димковска и Мартин Анастасовски од Културно Ехо ќе зборуваат на темата „Напуштени објекти – напуштени можности“. Културнo ехо е меѓународна, невладина и независна организација со седиште во Скопје. Со осврт кон архитектурата и други уметности, па се до компјутерските и правните науки, мисијата на организацијата е да ја промовира корпоративната урбана и еколошка одговорност, повторно откривање, редефинирање и решавање на заедничките прашања преку конвенционални стратегии и нови перспективи за создавање на одржлив урбан, социјален, општествен и културолошки развој.

Регистрацијата за настанот е отворена на овој ЛИНК, а можност за учество ќе имаат првите 200 пријавени учесници за конференцијата. Сите информации за ENGAGE можете да ги најдете на веб страницата на конференцијата engage.mk.

Во изминатите осум години ENGAGE стана еден од најголемите собири за поединци и заедници во нашата земја и тоа е единствениот настан за активизам кој е организиран континуирано секоја година. Настанот нуди место за дискусија, иновација, креативност, зајакнување и развој во нашето општество и отвора дебата за статусот на слободата, правдата и еднаквоста, човековите права, младинските прашања и развојот на модерната демократија.

Овогодинешниот ENGAGE е еден од серијата настани со кои ќе се одбележи 20 годишнината на Младински образовен форум. Конференцијата е поддржана од National Endowment for Democracy, а е организирана од Младински образовен форум и Радио МОФ.