Храброст, ентузијазам и креативност – отворен театарскиот фестивал „Лица без маски“

Храброст, ентузијазам и креативност – овие три збора ја опишуваат суштината на програмата на овогодинешниот интернационален театарски фестивал „Лица без Маски“. Овој фестивал веќе шест години по ред ја негува експерименталната театарска форма и работи на нејзино поттикнување во Македонија. На вчерашното отворање поразговаравме со членовите на жирито: Васил Зафирчев, Сотир Трајков и Дарко Велиќ околу ситуацијата на театарската сцена, како и влијанието кое овој фестивал го има врз неа.

фото: Радио Слободна Европа

Дарко Велиќ, актер и пантомимичар на македонската независна театарска сцена, вели дека овој фестивал е многу храбар потег. „Храбар потег е бидејќи ситуацијата не е баш сјајна кога станува збор за културното ниво и театарот во Македонија. Дефинитивно е за поздрав, затоа што имаат убава интернационална група на претстави од различни држави. Во секој случај, прекрасно е да има што повеќе вакви културни настани и да имаме можност да се сретнеме со исклучително квалитетни претстави кои се барем од нашата блиска околина.“

Izjava na Darko Velic by Radio Mof on Mixcloud

На актерот Васил Зафирчев, пак, му е многу драго што оваа година својата поддршка кон она што овие млади луѓе го прават ќе може да ја даде со тоа што ќе биде член на жирито кое одлучува за наградите во официјалната селекција на фестивалот.
„Убаво е да се видат театарските размислувања на младите луѓе од повеќе различни држави, сите на едно место во Скопје, во Македонија. Мислам дека тоа реферира и одлична порака за развојот на театарската уметност и театарската мисла општо, особено кај помладата популација. Јас се радувам што токму од овој фестивал произлегуваат многу млади, идни драмски уметници кои потоа активно создаваат на националните сцени. Токму тоа го сметам за главна придобивка од постоењето на фестивалот Лица без маски.
Критериумот го градам во однос на она што ќе биде понудена програма на фестивалот и од оние дефинирани естетички профилации. Во принцип, ги поддржувам храбрите идеи на младите луѓе кои имаат целовитост, кои имаат јасна идеја и цел,кои промовираат одредени современи трендови во театарот кои ретко имаме можност и прилика да ги видиме на националните сцени – тие се често позатворени по однос на ова прашање. На кратко тоа ќе бидат основните начела врз кои што ќе го полагам моето размислување и мојот глас во однос на жирито.“

Izjava na Vasil Zafircev by Radio Mof on Mixcloud

Според Сотир Трајков, овогодинешното мото „Ослободи се… ако можеш“ ја погодува потребата на секој човек од малку фантазија во ова сурово време. „Секој кој има потреба да се ослободи од ова сиво секојдневие, од оваа исполитизирана реалност, од сите ситуации во кои не е пријатно да се биде едноставно нека се упати кон Универзалната сала и ќе најде место, утеха па можеби и решението на конкретниот проблем низ проследувањето на овие претстави.“

Izjava na Sotir Trajkov by Radio Mof on Mixcloud

Вчера ја имавме и честа да ја проследиме и претставата „ФИЛМ“ – авторски проект на Саша Ефтимова. Убаво спакувани 30 минути, составени од театар на сенки, балетски перформанс, соодветно избрана музика и проекција на соништата на младата авторка, преку кои таа успеа да си поигра со емоциите на публиката во салата. Сите заедно ги доживеавме претставените комични моменти, романтичната идила, како и разочарувачките ситуации. Она што го видовме на сцената беше проекција на нашите најдлабоки соништа и стравови, празнење на насобраните емоции. Сите присутни ги ослободија своите мисли и срца за да уживаат во прекрасниот лавиринт на желбите во кој не воведоа Саша Ефтимова и балетските танчери при МОБ.

Јована Ѓорѓиовска