Хотелската соба во Лондон која стана дел од Југославија

Одамна се тврди дека Винстон Черчил привремено подарил хотелска соба на југословенскиот крал Петар II, за неговиот син, југословенски принц, да се роди на домашна територија. Но, докази за да се потврди приказната е тешко да се најдат, а можеби е и невозможно, пишува ВВС.

На 17 јули 1945 година, Обединетото Кралство станало помало, а Југославија малку поголема.

По наредба на Винстон Черчил, апартманот 212 во хотелот Клериџ во Лондон станал југословенска територија, барем за еден ден. Тоа му овозможило на принцот Александар од Југославија, дел од побегнатото кралско семејство од Србија, да се роди на домашна територија. Влезната врата станала интернационална граница.

Приказната за апартманот 212 е раскажана на веб страницата на принцот, во официјалната историја на хотелот Клериџ и во безброј книги. Но, има еден проблем – не постои доказ дека е навистина точна.

Во април 1941 година, за време на Втората светска војна, Германија и нејзините сојузници ја нападнале и окупирале Југославија. Затоа, кралот Петар II од Југославија, тогаш 17-годишен, ја напуштил земјата со својата влада, и отпатувал во Лондон преку Атина, Ерусалим и Каиро.

Петар и неговата сопруга, кралицата Александра, се сместиле во еден од најмодерните хотели во Лондон, Клериџ, и живееле таму веќе четири години кога кралицата останала бремена.

Поради тоа, кралскиот пар имал дилема. Сакале нивното првородено дете, кое сметале дека ќе биде идниот крал или кралица на Југославија, да се роди во земјата во која ќе владее. Но, освен војната, Југославија била на пат да стане комунистичка република.

Приказната вели дека британскиот премиер Винстон Черчил му понудил на Петар II да ги променат државните граници – мал дел од Лондон да припаѓа на Југославија, со што идниот крал ќе може да се роди во својата татковина.

Сепак, нема никаков документ или вест во весниците дека ова навистина се случило.

„За жал, сите податоци одамна исчезнаа од канцеларијата на татко ми“, вели принцот Александар.

„Меѓу тие податоци беа сместени сите од војната – особено многуте дописи од Черчил, Рузвелт, Сталин и многу други. Документот во кој се потврдува привремената промена на територијата исто така го нема“.

Тој вели и дека нема извод на книга на родени во Англија, бидејќи технички бил роден во Југославија. Има и кралски југословенски пасош, но не можел да го користи за време на комунистичкиот период.

Откако ја аболирала монархијата кон крајот на 1945-та, владата на Тито го одземала југословенското државјанство на кралското семејство, а нивниот имот бил конфискуван. Поради тоа, принцот Александар станал жител на Велика Британија.

После падот на Слободан Милошевиќ во 2000 година, новата влада на Југославија (која тогаш се состоеше од Србија и Црна Гора) го вратила југословенското државјанство на кралското семејство. Церемонијата се случила на 12 април, токму во апартманот 212 во Клериџ.