Холандија ќе врати стотици вредни артефакти украдени од Индонезија и Шри Ланка за време на колонизаторската ера од страна на холандските трупи, уште попознати како „Богатството од Ломбок“, пренесува „Гардијан“.
484-те артефакти се првите предмети кои ќе бидат вратени од Холандија во нивните првични наоѓалишта, откако во 2020 беше објавен извештај во кој се бараше тие да бидат вратени во своите оригинални земји.
„Ова е прв пат да ги следиме препораките на извештајот и да вратиме артефакти кои никогаш не требало да бидат донесени во Холандија“, изјавил Гунау Услу, холанскиот секретар за култура и медиуми.
Вратените објекти вклучуваат четири камени статуи од Поранешното јаванско хинду кралство Сингхасари, керис кама од кралството Клунгкунг и 132 предмети од балиска модерна уметност, познати како Колекцијата „Пита Маха“.
Сепак, предметите не ги вклучуваат познатите останки од „Човекот од Јава“, иако индонезиските власти побараа враќање на фосилот во 2022 година.
Остатоците, вклучително и черепот, беа најстариот фосил на хоминиди некогаш пронајден кога холандскиот палеоантрополог Ежен Дубоа ги ископа од Индонезија во 1891 и 1892 година. Тие ќе останат изложени во Природонаучниот Институт во Лајден, а се уште важат за важно откритие за човековата еволуција.
Индонезија тврди дека Дубоа принудно ги зел фосилите од Индонезија, а историчарите тврдат дека холандскиот антрополог користел принудни работници за нивното ископување, а некои и загинале додека работеле за него.
Но, холандскиот музеј ги отфрли барањата за враќање на фосилите, тврдејќи дека „Човекот од Јава“ немало да биде откриен, да не била иницијативата на Дубоа, како и дека предметите од праисторијата не се сметаат за национално наследство.
Шесте предмети што треба да се вратат во Шри Ланка се богато украсен бронзен пиштол, познат како топот на Канди, кој моментално е изложен во амстердамски музеј, како и златни и сребрени церемонијални мечеви, сингалски нож и два пиштоли.