Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, годинава е посветен на усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права од Генералното Собрание на Обединетите нации, па Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ соопштува дека во секое општество се уште не се универзално применети и вградени нејзините вредности за еднаквост, правда и достоинство.
Комитетот посочува области во кои најчесто се прекршуваат правата во Македонија, со цел да поттикнат промена на состојбите и целосна имплементација на принципи и вредности од Декларацијата.
„Почитување на човековите права и слободи не може да постои без квалитетни и сеопфатни реформи во судството и правосудниот систем. Во таа насока, нужно е воспоставување на независно, непристрасно и непартизирано судство за да може да се гарантира соодветна заштита на човековите права утврдени со Уставот, меѓународните ратификувани документи и домашните закони“, велат од Комитетот.
Од таму потенцираат дека остварувањето на правото на пристап до правда е тесно поврзано со достапноста на правните услуги за сите граѓани, без разлика на нивната материјална и социјална положба. Пристапот до правда за сите граѓани зависи од ефикасноста и квалитетот на системот на бесплатна правна помош, а со тоа се гарантира и остварувањето на човековите права.
„Во однос на борбата против дискриминација посочуваме дека новиот предлог Закон за спречување и заштита од дискриминација речиси половина година се наоѓа во собраниска процедура и се уште нема никакви најави кога може да се очекува негово донесување и изгласување. Комисијата за заштита од дискриминација, како основно тело за заштита од дискриминација, се уште останува неефикасен механизам, продолжувајќи со праксата на одлучување по поднесените претставки со големо пречекорување на законскиот рок за одлучување и носење непрофесионални и паушални мислења“, велат од Комитетот.
Работничките права во Република Македонија остануваат област којашто навидум е добро регулирана, но, велат тие, без ефективна имплементација што треба да ја гарантира заштитата на работниците и нивните права.
„Алармантно големиот број на повредени работници со смртни последици, потешки или полесни телесни повреди, скапиот и бавен пристап до правда во постапки кои законски се засновани на начелата на приоритет и итност, како и често ненавременото реагирање во однос на прецизното утврдување на фактичката состојба ги оставаат работниците во незавидна положба“, потенцира Хелсиншки.
Во однос на состојбите во затворите и затворените институции, неадекватниот здравствен третман, како и отежнатиот пристап до лекар во затворите останува алармантно. Додека искуството на жртвите за пријавување на семејното и родово базираното насилство во полиција и во Центарот за социјални работи покажува дека правилата за постапување во случаи на семејно насилство не се почитуваат од полициските службеници и социјалните работници.
„Нивниот однос кон жртвата е често субјективен и непрофесионален, што е недозволиво имајќи го предвид фактот дека ова се примарните институции со кои се соочуваат жртвите. Ваквиот однос предизвикува обесхрабрување на жртвата и претставува ограничување на правото на користење на заштитните механизми во случаи на семејно насилство“, забележува Комитетот.
Иако се бележи поместување на состојбите во однос на унапредувањето на човековите права на ЛГБТИ луѓето во Македонија, за жал, велат тие, сè уште можат да зборуваат само за промена на политичката волја, а не и за конкретни поголеми унапредувања.
„Законот за спречување и заштита од дискриминација и понатаму останува заглавен во собраниска процедура и со тоа се одложува отелотворувањето на заштитата од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Останува непоместувањето во Кривичниот законик во однос на говорот и делата од омраза и недостатокот од соодветна легислатива за правно признавање на родот. Случаите на претходните прекршувања, како што се нападите врз ЛГБТИ Центарот за поддршка и активистите сè уште не се разрешени“, велат од Хелсиншки.
Исто така, нагласуваат дека изминатава година јавноста беше сведок на голем број дела од омраза, односно зголемување на бројот на инциденти предизвикани од омраза во однос на претходните пет години.
„Најмногу од овие инциденти се случуваат поради политичка и етничка припадност, а најмногу ги погодуваат децата и младите луѓе до 25 години, загрозувајќи ги нивниот физички и психички интегритет како и безбедноста и сигурноста на луѓето. Насилствата од омраза сериозно ги загрозуваат човековите права, особено правото на живот, здравјето на луѓето, како и правото на безбедност и сигурност“, констатираат од Хелсиншки.