Гужва пред студентскиот ,,Кузман” – студентите еден по еден ги подигнуваат личните работи

Од утрово поголема група на студенти стојат пред студентскиот дом ,,Кузман Јосифовски Питу” и чекаат за да си ги подигнат личните предмети кои им се потребни, откако пред скоро еден месец беше донесена одлуката домовите привремено да се затворат поради пандемијата на Ковид-19.

До редакцијата на Радио МОФ пристигна реакција на студент, кој вели дека студентскиот дом е преплавен со студенти и покрај препораките за држење растојание, а се очекувала и нова група во текот на денот.

,,Се чека околу 30 минути и се пушта по еден студент, со маски и ракавици. Се обративме кај управникот и рече дека така му било наредено од директорот”, вели студент сместен во домот за Радио МОФ.

Подигнувањето на личните работите на студентите започна пред два дена, а студентите имаат уште два за да го направат тоа.

Директорот на ДСД „Скопје“ Дарио Николовски, претходно информираше дека подигнувањето може да се направи само во определен временски интервал, поради вонредниот полициски час и дополнителните ограничувања во слободата на движење.

Подигањето на личните работи, беше најавено дека може да се направи во вторник од 12:00 до 16:00 часот, како и од среда до петок во периодот од 09:00 до 13:00 часот.

„Оваа одлука се носи поради бројните барања на студентите и нивните потреби. Напоменуваме дека при посетата на домовите потребно е да се почитуваат препораките односно да се носат маска и ракавици додека при посетата на домовите студентите ќе бидат пуштани во ограничен број, по двајца, по што ќе следува целосна дезинфекција на објектите”, информираше Николовски.

Тој ги замоли студентите да си ги подигнат неопходните работи во овој период, по кој, како што појасни, домовите ќе останат затворени се додека не се донесе одлука за продолжување со престојување, по завршување на студиската година или во случај собите да треба да се иселуваат поради карантин.

Проблемот со иселувањето од домовите се појави откако владата, на крајот на март, одлучи овие сместувачки капацитети да бидат ставени на располагање на државата, за доколку е потребно во нив да се сместуваат лицата што се во излолација со цел да се спречи ширењето на новиот коронавирус.