Гулаби ќе го следат квалитетот на воздухот во Лондон

Јато гулаби опремени со сензори за мерење на аерозагадувањето и Твитер профил ќе се обидат да ја подигнат свеста за загадениот воздух во Лондон. Гулабите ќе имаат улога во помагање на жителите да го надминат еден од најголемите здравствени проблеми во главниот град – недозволеното ниво на загаденост на воздухот, на кое му се препишуваат илјадници смртни случаи годишно.

Неодамна, јато гулаби беа пуштени од покрив на една зграда со сензот за следење на квалитетот на воздухот и вграден GPS. Сензорот кој тежи 25 грама води евиденција за нивото на азот диоксид во воздухот, што доаѓа од автомобилите и камионите во градот, а истовермено се испраќаат твитови за граѓаните да се информираат за актуелната состојба.

„Тоа е скандал. Тоа е скандал за здравјето на човекот и за животната средина, како и за гулабите. Ние го правиме невидливото видливо“, изјави Пјер Дуксној, кој победи на фестивалот за дизајн во Лондон со оваа идеја.

„Поголемиот дел од времето кога зборува за загадувањето, луѓето помислуваат на Пекинг и на други места, но постојат денови во годината кога загадувањето на воздухот беше поголемо во Лондон, отколку во Пекинг и тоа е реалноста“, додава Дуксној.

Тој вели дека бил инспириран од употребата на гулабите за време на Првата и Втората светска војна за да пренесуваат информации и да спасуваат животи. Тие летаат релативно ниско и брзо.

Гери Фулер, експерт за квалитетот на воздухот при Кралскиот колеџ во Лондон, рече дека ова е првпат да слушне дека урбано животно се употребува за вакво нешто.

„Одлично е тоа што гулабите од Плоштад Трафалгар се ангажирани. Пред околу 15 години, беа тестирани 150 кучиња во Мексико Сити, покажувајќи ги начините како загадувањето на воздухот влијае врз белите дробови и срцето. Но, ова е првпат да слушнам за урбанизирано диво животно да се користи за носење на сензор што ќе ни даде слика за загадувањето на воздухот“, вели тој.

Патролата на гулаби била пуштена три пати во неделата и евидентирала од умерен до висок степен на аерозагадување.