Владите ширум светот имаат можност да тргнат по нов пат, спремајќи се за враќање во нормален живот по изолацијата со која се настојува да се спречи ширењето на коронавирусот, рече Грета Тунберг на интернет-конференцијата за Денот на планетата земја, пренесува хрватски „Индекс“.
Пандемијата покажа дека мора да размислуваме долгорочно, вели Тунберг.
„Дали ни се допаѓа тоа или не, светот се промени, тој е сосема поинаков отколку што беше пред неколку месеци и веројатно нема повторно да биде ист, а ние ќе мора да избереме нов пат. Ако еден вирус може да уништи економии за неколку недели, тоа покажува дека не размислуваме долгорочно и дека не ги земаме во предвид тие ризици“, додаде Тунберг.
Тунберг беше една од учесничките на интернет-конференцијата за Денот на планетата земја, настан кој започна пред 50 години како би се подигнала јавната свест за важноста на заштитата на животната средина.
Движењето „Петоци за иднината“ кое го покрена Тунберг, по овој повод објави видео-снимка на која се гледа како едно семејство живее нормален живот додека насекаде околу нив има пожар, како што и самата таа сликовито предупредуваше во своите говори претходно.