Грција воведува полиција на универзитетите и покрај протестите на студентите

Грчкиот парламент го усвои нацрт-законот со кој се формира специјална полиција на универзитетите, и покрај бројните студентски демонстрации кои се спротиставуваат на ваквиот предлог повеќе од еден месец, пренесува „Ал Џазира Балканс“. Претставниците на владејачкото мнозинство гласаа за нацрт-законот, односно, 166 пратеници, наспроти 132 пратеници од опозицијата.

Додека се водеше расправата околу предлогот, според полицијата, илјадници луѓе протестирале пред зградата на парламентот во Атина против законот кој го нарекле „антидемократски“. Истовремено, во Солун избувнале инциденти помеѓу демонстрантите и полицијата.

„Полицијата не влегува на универзитетите, туку демократијата“, рече премиерот Киријакос Мицотакис во обраќањето пред парламентот и додаде дека тоа е начин „да се стави крај на насилството и да се отвори патот за слободата“.

Опозиционите пратеници се спротиставија на законот велејќи дека воведувањето полиција на универзитетите е спротивно на европскиот принцип на самоуправување на тие установи. Според новиот закон, полициски корпус од илјада луѓе со специјални униформи без оружје, но со пендреци ќе патролираат по универзитетите.

Присуството на полицијата на универзитетите кои се традиционално либерални и високо исполитизирани е чувствителна тема во Грција, уште од смртоносната репресија над студентите во ноември 1973 година, од страна на воената хунта.

Засега, универзитетите уживаат посебен имунитет, односно, никакви државни органи, ниту полицијата, па дури и пожарникарите, не можат да влезат во кампусите и во универзитетските згради, освен ако не бидат официјално повикани од управите.