Грчки доктори поминаа низ центарот на Солун со свои членови од семејствата и пријатели, со цел да докажат дека информациите во врска со носењето маски кои кружат помеѓу населението за време на пандемијата со коронавирусот не се точни, пренесува српски „Н1“.
Неколку десетици луѓе, со брзо одење или трчање, ја минаа трасата долга два километри со маски на лицата. Потоа, го измерија нивото на кислород и јаглерод диоксид во крвта, кои беа во границите на нормалата.
Пулмологот Ираклис Титопулос за „Асошиејтед прес“ по настанот рече дека маските, заедно со социјалното дистанцирање и личната хигиена се единствената мерка за заштита од коронавирусот.
„Никогаш не би поверувал дека толку голем дел од населението ќе негира нешто што е толку очигледно“, рече Титопулос.
Од почетокот на август, Грција бележи скок на бројот на новозаразени со Ковид-19, но не и скок на бројот на смртни случаи. Од досега потврдените 19.300 случаи на зараза во земјата, речиси 80 проценти се регистрирани од почетокот на август.