Граѓанскиот сектор – невидлив работодавач

Граѓанскиот сектор се перципира како мал и несигурен работодавач, нема податоци за бројката на практиканти и волонтери, а граѓанските организации во Македонија лани учествувале со помалку од 1 отсто од бруто домашниот производ во Македонија, покажува анализата на здружението „Конект“.

Во 2014 година граѓанските организации во Македонија вработиле само 0,38 посто од вкупниот број вработени во земјава, а на плати потрошиле околу 10 милиони евра. Анализата покажува и дека истата година на хонорари и договори на дела, граѓанскиот сектор во земјава исплатил речиси 8 милиони евра.

Од здружението Конект, кое во соработка со Македонскиот центар за меѓународна соработка ја подготви анализата, велат дека целта е да придонесе за унапредување на средината за вработување во граѓанските организации.

„Граѓанскиот сектор е перципиран како мал и несигурен работодавач, а се соочува и со недостаток на ресурси за привлекување на нов и задржување на постоечкиот кадар. Поради тоа е неопходна државна поддршка за вработување во граѓанските организации“, се наведува во анализата.

Истражувањето, освен за Македонија, содржи податоци и за регионот, при што се нотираат слични проблеми во сите држави. Анализата укажува дека најмногу вработувања во граѓанскиот сектор има во Турција, додека за Косово и Босна и Херцеговина не постојат никакви статитистики.

„Истражувањето не е наменето за нас како граѓански сектор, туку за да поттикне да размислиме што треба да направиме за да се сменат некои нешта, и да ги поттикне институциите и носителите на одлуки да ја подобрат средината за вработување во граѓанскиот сектор. Овој документ покажува дека иако е мал работодавач, граѓанскиот сектор сепак има потенцијал за ангажирање на повеќе луѓе и да придонесе во борбата со невработеноста“, смета Виктор Мирчевски, програмски соработник на Конект.

Друг предизвик за граѓанскиот сектор е нејасноста во Законот за работни односи во однос на него, како и фактот дека нема точни податоци за бројот на волонтери и практиканти во граѓанскиот сектор.

„Сметаме дека при создавање на политиките, без оглед на тоа дали се работи за Законот за вработување или оперативните мерки, органите мора да бидат запознаени со граѓанскиот сектор и да се насочат да се поттикне зголемено вработување во граѓанските организации за на некој начин да станат „мејнстрим“ работодавач. Не треба да бидат на маргините на тие регулативи, туку да заземат дел еднаков со приватниот и јавниот сектор во вработувањето“, вели Никица Кусинкова, извршна директорка на Конект.

Истражувањето било изготвено преку анализа на законите и политиките за вработување во граѓанските организации, како и извештаи на Државниот завод за статистика. Во препораките од анализата се препорачува дека граѓанските организации треба да се претстават како работодавци, да се заземаат за подобри услови за вработување и за синдикално здружување, како и активно да го застапуваат граѓанскиот сектор и неговите потреби при идни измени на законската регулатива поврзана со работните односи од овој домен.