Граѓански здруженија со протест пред Собрание ќе побараат итно именување кадар во институции

Пред Собранието (влезот кај АРМ) на 27 ноевмри од 10 часот ќе се одржи протест и прес-конференција на десет мрежи на здруженија на граѓани, кои ќе повикаат на итен избор и именување кадар во повеќе институции и тела од страна на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Според организациите, иззборот и именувањето на повеќе тела е закочен во Комисија за прашања на изборите и именувањата, со што овие институции не можат да ги исполнуваат своите надлежности, да ги спроведуваат реформите во своите области и соодветно да ги промовираат и заштитуваат правата на граѓаните, да ја мониторираат работата на извршната власт и да ги спроведуваат новите законски решенија.

„Се работи за институции кои се од исклучителна важност за демократизацијата на нашето општество како: Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Дирекцијата за заштита на лични податоци, Агенција за слободен пристап до информации од јавен карактер, Државниот завод за ревизија, програмски совет на МРТВ, Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, Судскиот совет на Република Северна Македонија и надворешниот механизам за граѓанска контрола врз полицијата при Народниот правобранител“, соопштуваат здруженијата.

Организациите сметаат дека функционалноста на овие институции е од заеднички интерес на сите граѓани и здруженија на граѓани.

„Поради ова ве покануваме да дојдете и со вашето присуство да ни помогнете да го свртиме вниманието на јавноста и на донесувачите на одлуки кон овие исклучително значајни прашања за благосостојбата на граѓаните, одговорноста и отчетноста на властите“, велат здруженијата.

Позади оваа иницијатива стојат десет мрежи на здруженија на граѓани кои заедно обединуваат околу 100 здруженија и иницијативи кои активно работат на унапредувањето и заштитата на човековите права: Мрежа за заштита од дискриминација, Платформа за борба против корупцијата, Блупринт група за реформи во правосудство, Национална мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата, Платформа за родова еднаквост, Мрежа 23, Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство- Глас против насилство, Мрежа за застапување на интересите на Ромите, Македонска платформа против сиромаштија, Платформа за одржливост на програмите за превенција, грижа и поддршка за ХИВ.