Граѓанска иницијатива за одбрана на парк во Штип

Јавен настан со наслов „Во одбрана на паркот 8 ноември“  во организација на Плоштад Слобода од Скопје во партнерство со Иницијативата за одбрана на паркот 8 ноември од Штип и граѓанската инцијатива „Го сакам ГТЦ ќе се одржи утре (8 ноември), во паркот во Штип.

„Идејата за оваа иницијатива започнува со огласот за продажба на парцела од паркот во населбата „ 8 ноември“  објавен на 27 јули 2015 година, со тоа што таа се става на продажба на 03 август 2015 год. Овој парк е единствениот парк од рамен тип во Штип и е од важно значење за градот бидејќи таму има постојана циркулација на граѓани и деца од било кој дел на градот.

Откако се одржаа неколку работни средби со граѓаните кои живеат во околината на овој парк евидентно беше дека  сите имаа  заедничка цел – да се спаси паркот и да се поништи продажбата на парцелите.

На еден од состаноците со граѓаните од наслебата „ 8 ми Ноември“ беше договорено дека ќе се собираат потписи од 10% вкупниот број на гласачи во оваа населба и дека ќе се достави петиција до советот на Општина Штип да се разгледа и да се одлучи по оваа прашање.

Во консултации  со Фондацијата за локален развој на заедницата од Штип се конципираа петицијата и истражувањето на случајот и потписите беа собрани во рекордно време, за само  5 дена  дена, кои подоцна се доставија до Општина Штип .

Следните чекори кои ќе ги преземе оваа Иницијатива е  информирање на граѓаните за овој проблем преку јавниот настан кој ќе се организира на 8 ноември со почеток од 12ч. во населбата „8 ми Ноември“ кај паркот, затоа што овој датум е од битно значење за Штип бидејќи тогаш градот е ослободен од фашистичкиот окупатор.  Целта на овој настан е за да се спречи новиот оглас за продажба на парцелите со незаконските зголемени  квоти  и да се предупреди за сите последици од ваквите одлуки на Општина Штип“, објаснуваат организаторите.