Граѓаните на Македонија избраа 44 градоначалници, втор круг ќе има во 33 општини, а повторување во три

Со излезност од 46,48 отсто, граѓаните на Македонија на вчерашните локални избори гласаа за 44 градоначалници, додека втор круг заокружување ливчиња позади параванот ќе се случи во 33 општини.

Во Центар Жупа, Врапчиште и Маврово-Ростуше треба да има повторување на гласањето откако излезноста беше помала од потребните една третина избирачи.

Најголема победа во првиот круг прогласи ВМРО-ДПМНЕ. Освои градоначалници во 32 општини, вклучувајќи ги Битола, Велес, Штип, Прилеп, Кавадарци, Делчево, Радовиш, Свети Николе, Охрид, Ресен, Кисела Вода и Ѓорче Петров.

Исто така, десно ориентираната партија по 20 години со свој градоначалник ја доби и Струмица.

Кандидатите на „Вреди“ победија во пет општини – Чаир, Арачиново, Желино, Сарај и Теарце, Националната алијанса за интеграција (НАИ) во четири општини – Гостивар Чашка, Липково и Пласница, а СДСМ ќе има градоначалник во Богданци, Крива Паланка и Кривогаштани.

Извор: ДИК

Само една жена беше избрана за градоначалничка во првиот круг –  Бети Стаменкоска Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ, која ќе ја води Кисела Вода. Покрај неа, уште три кандидатки се пласираа во вториот круг што ќе се одржи на 2 ноември: Марија Нацева (ВМРО-ДПМНЕ) во Неготино, Наталија Димитриева (ВМРО-ДПМНЕ) во Демир Капија и Соња Стаменкова (СДСМ) во Македонска Каменица.

На овие избори се натпреваруваа вкупно 309 кандидати за градоначалници, од кои само 32 беа жени, што е 10.35 проценти од вкупниот број. Ако се земат44-те вкупно избрани градоначалници во првиот круг, единствената Бети Стаменкоска Трајкоска претставува 2.2 проценти родова застапеност.

Вкупно право на глас имаа 1.832.415 граѓани на 3.474 избирачки места.

Скопје ќе добие наследник на Арсовска по вториот круг

За следниот, втор круг, борбата за тоа кој ќе ја седне на местото на Данела Арсовска во Скопје ќе биде меѓу Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица.

Според последната промена на Државната изборна комисија (ДИК) во 11:25 часот и 99,93% обработени гласови, Ѓорѓиевски во првата фаза од изборите освои 91.597 гласови или 39,43%, додека Мециновиќ има 30.659, односно 13,20%.

Трет по гласови (27.868 или 12%) е Башким Бакиу од „Вреди“, па потоа Каја Шукова од СДСМ (26.720 или 11,50%), Скендер Реџепи од НАИ (26.073 или 11,22%) и Горан Марковски од „Независни заедно“ (7.661 или 3,30%).

Во главниот град, граѓаните во првиот круг избраа градоначалници во опшините Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Сарај и Чаир.

Во Аеродром, Центар, Карпош и Шуто Оризари градоначалничката функција ќе ја добие оној кој ќе победи во вториот круг.

Во Општина Центар, по обработени 100 отсто од избирачките места, најмногу гласови доби кандидатот на СДСМ и актуелен градоначалник Горан Герасимовски со 38,19% или 8.525 гласа. Неговиот противкандидат Мирослав Лабудовиќ од движењето ЗНАМ, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, има 25,54% или 5.707 гласа. Тоа значи дека ќе влезе во вториот круг со Герасимовски.

Во Центар трета е Билјана Ивановска од „Независни заедно“ со 4.465 гласови (19,98%), па Марија Среброва од Левица со 2.12 гласови (19,49%).

Од граѓанската иницијатива „Независни заедно“ ќе бараат поништување на изборите во Центар и повторно гласање на сите избирачки места. Како што рекоа оттаму, направен им е грабеж, бидејќи нивното лого не било поставено на избирачкото ливче, иако го испратиле до општинската изборна комисија на 11 септември 2025.

Извор: ДИК

Во Општина Аеродром, каде што се обработени 99,90 отсто од избирачките места, води кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен в.д. градоначалник Дејан Митески со 49,09 проценти или 16.225 гласа. Зад него е Александар Трајановски од СДСМ со 20,79 проценти или 6.872 гласа. Двајцата ќе се соочат во вториот круг.

Извор: ДИК

Во Карпош, според 100 отсто обработени гласачки места, во вториот круг ќе продолжат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Сотир Лукровски и актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски од коалицијата „Искуство за успех“. Лукровски во првиот круг води со 34,51 проценти или 10.284 гласа, додека Јакимовски има 29,40 проценти или 8.761 глас.

Извор: ДИК

Во Шуто Оризари, пак, вториот круг ќе ја реши трката меѓу актуелниот градоначалник Курто Дудуш од Унија на Роми и Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ. Дудуш освои 36,57 проценти или 3.217 гласа, а Демир 20,69 проценти или 1.820 гласа.

Доминација на ВМРО-ДПМНЕ во советите

Во однос на Советот на Град Скопје, таму прва е ВМРО-ДПМНЕ. Освои 18 советници што ќе гласаат за проблемите на главниот град со јавниот превоз, водата, отпадот, зеленилото, канализацијата, за буџети на претпријатија и установи, граѓански иницијативи…

Односно, ВМРО-ДПМНЕ освои 18 мандати, Левица, Влен и ДУИ имаат по 6, а СДСМ – 5 мандати.

По еден мандат имаат и граѓанските листи „Зелен хуман град“ и „Независни заедно“, колку што добија и Ристо Пенов од Искуство за успех и Горанчо Котески од движењето ЗНАМ.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ освои најголем број гласови (301.799 гласачи) и за советнички листи на ниво на државата, додека втори се Социјадемократскиот сојуз на Македонија (124.300), според 99,91% обработени резултати од ДИК.

Трета, по ред, во оваа категорија, е коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ) предводена од ДУИ, која има добиено нешто повеќе од 114.000 гласа за советнички листи. Нивниот главен политички ривал, владејачката коалиција ВЛЕН има освоено околу 92.000 гласа за листите за советници.

Политичката партија Левица, пак, ја доби поддршката на околу 58.000 граѓани.

Владејачката ЗНАМ ги добила гласовите на 38.034 гласачи, додека коалицијата ГРОМ – ЛДП, околу 13.000 гласови.

Вкупно 69 независни граѓански листи за советници кои учествуваа на вчерашните локални избори, освоија 58.607 гласови, што е раст од претходните кога таа бројка беше 56.000.

Генерално гледано, партиите ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица и ЗНАМ, имаат значителен пад на гласовите за нецела година и пол. Ако се споредат локалните избори во 2025 година и парламентарните во 2024, најголем пад во апсолутни бројки има владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Партијата на ланските парламентарните избори освои 436.036 гласови, што е загуба од 134.237 гласа во компарација со локалниве.

Опозициската СДСМ исто така се соочува со намалување на поддршката. Од 154.687 гласови добиени во 2024 година, оваа партија сега има 30.387 гласови помалку. Движењето ЗНАМ, кое на политичката сцена се појави пред парламентарните избори, забележа пад од 18.243 гласа. Партијата Левица, пак, изгуби над 10.000 гласа во споредба со 68.663 на парламентарните.

Овие податоци доаѓаат во контекст на намалена излезност на гласачите. На парламентарните избори во 2024 година вкупно гласале 995.793 граѓани, додека на локалните избори една година подоцна, своето право на глас го искористиле 834.440.

Бојан Шашевски