Граѓанска блокада пред „Титан Усје“: Чист воздух наместо тешка индустрија

На денешната блокада пред цементарницата „Титан Усје“, организирана од граѓанската иницијатива Стоп за Усје, граѓаните јасно ги артикулираа своите барања за чиста и безбедна животна средина. Тие порачаа дека е недозволиво објект од тешка индустрија да функционира во урбано јадро и истовремено да им се гарантира на граѓаните право на чист воздух.

Блокадата се одржа пред фабриката „Титан Усје“, а на настанот настапија повеќе музички бендови, со што протестот доби и симболична културна димензија. Присутните со транспаренти и пароли истакнаа дека здравјето и безбедноста на населението мора да бидат над секој економски интерес.

Граѓаните со кои разговараше редакцијата на Радио МОФ изразија загриженост за општата безбедност и јавното здравје. Според нив, станува збор за преседан – во главен град на европска држава да биде лоциран индустриски капацитет од ваков тип. Тие тврдат дека ваква пракса речиси и да не постои во други европски метрополи.

„Не бараме ништо повеќе од основното право на чиста животна средина“, порачаа дел од учесниците, додавајќи дека институциите мора итно да понудат долгорочно решение.

Од иницијативата најавија дека протестните активности ќе продолжат сè додека не се преземат конкретни чекори за решавање на проблемот. Граѓаните велат дека остануваат обединети во барањето за системско решение кое ќе обезбеди здрава и безбедна средина за сите жители.