Од Град Скопје информираат за денешното формирање на Советот за поддршка на женско претприемништво.
Веќе на првата седница, Советот ќе го разгледува програмскиот акт со цел посветување на поголема поддршка на претприемачките, креирање политики за родово буџетирање, унапредување на родовата рамноправност и програми за финансиска поддршка за жените кои ја почнуваат својата претприемачка приказна.
„Во своите општи цели Советот, пред сѐ, ќе креира политики за да го олесни пристапот во учеството на жените во општественото дејствување. Ќе дејствува во насока на подобрување на родовите улоги и елиминирање на ограничувањата, а ќе креира и можности за економско зајакнување на жените“, велат од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека во своите конкретни цели, Советот гo вклучува унапредувањето на родовата перспектива во градот Скопје, како и вклучувањето на неколку принципи на родовите аспекти во креирање на главните политики на Градот, собирање анализа на податоци специфични за родот, еднаков пристап и користење на услугите, еднаква вклученост во одлучувањето, еднаков третман во процесите на управување.
„Важно е да се работи на родово сензитивно буџетирање во Градот Скопје, кое како инструмент на финансиска политика за родова перспектива ќе значи праведно распределување на буџетот. Советот има за цел да креира програми и создава можности за финансиска поддршка на жените претприемачи, но и да креира стимулативни програми за започнување на нови бизниси за жените“, велат од Град Скопје.
Како прв Совет од ваков вид во градот Скопје, Советот за поддршка на женско претприемништво ќе работи на натамошно развивање и вмрежување со преостанати организации, со цел подигнување на нивото на жени претприемачи во општеството.