Ќе изумреме како диносаурусите ако не се справиме со загадувањето, рече професорот Горан Марковски кој е кандидат за градоначалник на Град Скопје од граѓанската платформа „Независни заедно“ на денешната прес-конференција за депонијата Вардариште, појавувајќи се со маска диносаурус.
„Граѓаните блокираат и протестираат, а депонијата Вардариште и денеска гори! Доста е! Има стручни и професионални студии, акциски планови и препораки изготвени за Вардариште, (ЛЕАП 3, ГУП елаборатот и Прирачникот за пожари од САЛАР), но тоа што досега го немало е политичка воља за да се спроведат“, потенцираат од „Независни заедно“.
Марковски и носителката на кандидатската листа за советници во Град Скопје на „Независни заедно“, Јана Белчева Андреевска, истакнаа дека ја одржуваат прес-конференцијата во близина на депонијата за да покажат солидарност со сограѓаните кои се најзасегнати со проблемот на Вардариште, како и дека овој проблем иако наследен од минатото, ќе биде нивна обврска во градот Скопје.
Марковски истакна дека решението кое долго време се игнорирало мора да биде стручно.
View this post on Instagram
„Не се преземени никакви стручни мерки за тоа што ќе се прави со гасовите коишто се ослободуваат од распаѓањето на ѓубриштето. Во околу ѓубриштето има голема количина на метан. Метанот е лесно горлив материјал и мала искра предизвикана од било што може да предизвика пожар. Ние сме за трајни решенија коишто ќе им овозможат на скопјани да дишат нормално, особено на оние наши сограѓани кои живеат во околината на Вардариште. Постојат методи, стручни методи денес и многу актуелни. Постои можност оваа енергија којашто денес ни создава проблем да ја искористиме и за производство на електрична енергија. Само треба знаење, одговорност и секако независност“, рече Марковски.
Тој порачува дека за да се реши проблемот со депонијата постојат неколку пристапи: „Едниот пристап е да со помош на одредени цевки се собере метанот и потоа се одлучува што ќе се прави со него. Со него меѓу другото може да се користи и за производство на електрична енергија. Постојат и други методи коишто се веќе применети на над 200 локации во Европа“.

Фото: „Независни заедно“
Јана Белчева Андреевска потсети дека за депонијата има многу стручни насоки како да се тргне од листата на црни точки на градот кои досега се игнорирани.
„Ако се следеле чекорите само со спроведуваме на ЛЕАПот: како чистење на дивите депонии, рекултивација на Вардариште според стручните студии, модернизација на системите за исцедок и гас, и зајакнување на селекцијата и рециклирањето, веќе ќе имало резултати. Затоа, основа за нашето работење нема да бидат нови стратешки документи, туку исполнување на усвоените планови, и усогласување со безбедносните стандарди за заштита“, посочи Белчева Андреевска.
Таа смета дека планот за решение истовремено треба да е реален и модерен: од тоа да се затвори просторот за диво депонирање, да се воведе 24/7 периметарска контрола со видео-аналитики и препознавање регистарски таблички, а преку термални камери и дронови со термални и спектрални сензори да ги откриваме жариштата и новите истурања уште во зародиш. Податоците би се интегрирале во единствен систем со јасни индикатори и јавна отчетност.
„Нам сојузници во овие напори мора да ни бидат граѓаните кои се будни, свесни и бараат промени и ќе го дадат гласот за оние кои веќе биле активни, и ќе продолжат да работат за јавниот интерес – а тоа е чист воздух и здрава животна средина“, истакна Белчева Андреевска.

Фото: „Независни заедно“
„Независни заедно“ е широка граѓанска платформа која ги обединува независните советници и локални иницијативи од неколку скопски општини- „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“. Покрај град Скопје, платформата веќе објави дека цели на победа во општина Центар каде ќе ја поддржи кандидатурата на истакнатата антикорупционерка Билјана Ивановска.
„’Независни заедно’ произлезе како одговор на разочараноста од традиционалните политички партии и има за цел да ја врати локалната власт во рацете на граѓаните. Платформата ги повикува сите скопјани, поединци и групи, да се приклучат и заеднички да изградат нов модел на управување – чесен, стручен, транспарентен и посветен на јавниот интерес. Само заедно можеме да му дадеме шанса на Скопје да стане град по мерка на човекот“, порачуваат од „Независни заедно“.