„Го сакам Водно“: Ниту една институција не реагира за забелешките за Студијата за Водно

На ден 26.08.2019 во просториите на Град Скопје се оддржа јавна презентација на предлог студијата за валоризација на природните вредности на планината Водно. Оваа предлог студија, како што и самиот градоначалник најави, треба да биде „стратешки документ за Водно“ и основа за изработката на Законот за Водно, кој го подготвува Град Скопје со помош на УНДП. Нашите забелешки кои се однесуваат на оваа предлог студија беа уредно доставени до Град Скопје во предвидениот рок и се надеваме дека ќе бидат разгледани и земени во предвид. Повратна реакција од било која институција, за жал, се уште нема, се вели во соопштение-реакцијата на „Го сакам Водно“. 

Активистите имале уверувања дека  дека пред наредната јавна расправа, ќе се овозможи средба и дискусија на сите заинтересирани страни, но, велат тие, темпото со кое се одвиваат нештата за нив е недозволиво, потребна е многу побрза и поефикасна реакција за да законот биде што побрзо донесен и да конечно има правни основи да се интервенира на секоја злоупотреба на падините на Водно.

„Во меѓувреме Градот објави тендер за Студија за туристичко-рекреативен центар на Водно. Нејасно е како Градот очекува да биде изработена квалитетна студија за додавање содржини кога уште не се утврдени зоните на заштита и дозволените активности во заштитеното подрачје“, соопштува „Го сакам Водно“. 

Од таму потенцираат дека почитувањето на законите не е обврска само на граѓаните, туку и на институциите. Односно, нагласуваат активистите, ниту едно оправдување во стилот „наследени проекти“ веќе не држи вода. 

„Потребни се закони до кои сите ќе се држиме и ќе ги почитуваме. Сакаме ред во државата и максимално ги испочитувавме сите норми на комуникација и соработка. Го очекуваме истото и од тие кои се должни да го спроведат тоа“, велат од „Го сакам Водно“.

Претходно, активистите веќе упатија низа реакции за Студијата за валоризација на Водно:

Го сакам Водно: Не ни е потребен Луна парк на планината, туку мирна оаза за скопјани