Еколозите со низа забелешки за Студијата за валоризација на Водно

Студијата за валоризација за Водно, која беше претставена денес во Советот на Град Скопје, беше проследена со низа критики од еколошките организации.

И покрај што еколошките групи критикуваа за најавата за настанот која им пристигнала само неколку дена пред одржувањето на презентацијата, просторите на Советот на Град Скопје денеска беа максимално искористен.

По деталното претставување на студијата, од граѓанската иницијатива „Го Сакам Водно“, прокоментираа за намалувањето на површината на парк-шумата Водно, која порано изнесувала околу 4.600, а моментално е намалена на 3.900 хектари. Како што додадоа, површината е намалена во деловите на Општина Сарај, Општина Карпош, дел од Центар, Кисела Вода и Сопиште.

„Приметуваме дека и многу добар дел кој гравитира кон Матка, југозападниот дел каде што фактички се наоѓа најголем дел од фауната, која што е биодиверзитетот на Парк-шума Водно се припојува сега кон Матка. И со тоа фактички се намалува и површината, но останува и помала зона на строга заштита, која сега изнесува само 7%“, вели Андреа Јанков од иницијативата „Го Сакам Водно“.

Јанков алармираше и за тоа дека се со студијата се предвидуваат и нови објекти за туристичка намена, како хотели, ресторани и кампови.

„Ние во моментов имаме еден објект кој што не работи, ПТТ. Средно Водно хотелот дише на шкрги, детските одморалишта се во руинирана состојба. Имаме еден објект кој е во фаза на бетонска карабина, уствари не е ни карабина, само конструкција, а дозволуваме нови објекти. А, фактички и Етно селото е затворено. Каде е сега потребата на Водно од нови туристички содржини?!“, дополнува Јанков.

Исто така, сметаат дека парк-шумата Водно треба да ја добие барем четвртата, а не петта категорија на заштита, за да биде парк на природата. Споредувајќи го Водно со заштитата на Матка, искоментираа дека двете места граничат, а границите не ги гледа природата, туку тие се вештачки наметнати граници.

„За Водно ни е ветен lex specialis, самото име укажува дека тоа е закон кој не би требало да се потпира на сите важечки закони, тогаш нема потреба да го носиме, ќе го прогласмие Водно врз основа на законот за заштита на природа, и сме завршиле работа. Водно не е само природата, тие шуми горе, постојат веќе 60 години, во колективната меморија на скопјани, Водно веќе е заштитено подрачје, затоа предлагам да се направат овие измени во студијата, да се земат во обзир забелешките“, дополни Јанков.

Tие и претходно со соопштение до јавноста реагираа за активностите во шумата.

Го сакам Водно: Не ни е потребен Луна парк на планината, туку мирна оаза за скопјани

Градоначалникот Петре Шилегов нагласи дека Студијата доаѓа во моментот кога околу 90% од градежните активности за изградба на гасоводот се завршени и кога 100% од дрвјата кои биле на трасата предвидена за гасовод се пресечени.

„Освен помали проблеми, изградбата течеше во согласност со предвиденото и не се случија поголеми штети. Минатата година Градот беше на спротивставена страна во преговорите со Владата и со МЕР. Кога видовме дека измената на трасата за гасоводот е невозможна, поради финансиските и временските импликации врз гасификацијата во државата, го извадивме максималниот бенефит за граѓаните, ја намаливме и видоизменивме постојната траса и кога се уверив дека тоа е оптимумот што може да се постигне се даде зелено светло да може да се изгради гасоводот“, рече Шилегов.

То нагласи дека со оваа Студија се препорачува формирање на две советодавни тела: советот на засегнати страни и научен совет.

„Во советот на засегнати страни предвидуваме да бидат вклучени единиците на локална самоуправа со територија засегната од заштитата на Водно, здруженија за заштитата на животната средина, подрачни единици на органите на државната управа, јавни претпријатија и установи кои вршат дејности и активности на територијата на заштитеното подрачје и претпријатија и установи чија дејност е заштита на животната средина и зачувување на парк-шумата Водно. Во научниот совет се предлагаат претставници на државни и локални установи, правни лица регистрирани за вршење научноистражувачка дејност за биолошката и геолошката разновидност, како и лица кои вршат научноистражувачка дејност“, додаде Шилегов.

Тој истакна дека значењето на Водно од аспект на биодиверзитетот е големо, а напорите на Град Скопје се насочени кон зачувување на природата и заштитата од пожари.

„Минатиот период преземавме мерки за поздрава животна средина и почист простор за спорт и рекреација со тоа што во голема мера го намаливме движењето на возилата за време на викендите и празниците преку воведување скапо зонско паркирање на Водно. Во истиот период им овозможивме на граѓаните бесплатни автобуски линии до Средно Водно“, рече Шилегов, нагласувајќи дека е планирана изработка на студија за туристичко-рекреативен центар Водно и маркирање на постојни планинарски патеки на Водно и изработка на мапа со тежина на рути и маркација со GPS.

Според професорот од Шумарскиот факултет од Скопје, Иван Блинков, Водно е пошумено за да претставува еден систем на заштита на Скопје.

„Водно е пошумено за да претставува систем на заштита на Скопје од катастрофални поплави и порои и за таа цел беше пошумувано со експлозив и била насипувана земја бидејќи претставува карстно подрачје каде тешко успева вегетација“, рече Блинков.

Тој го критикуваше начинот на кој е валоризирано Водно во студијата. Тоа што на планината денес има повеќе садена шума која не е автохтона, вели Блинков, не смее да му ја намали важноста и вредноста бидејќи Водно има и безбедносна функција.

Деканот на Шумарскиот факултет во Скопје, Кирил Сотировски се согласи со забелешките на еколозите, нагласувајќи дека е важно во иднина да се спречи судир на интереси околу ингеренциите на институции за Водно.

Во рок од 30 дена, заинтересираните страни ќе можат да ги испраќаат предлозите и сугестии за студијата за Водно, а во наредниот период ќе биде организирана уште една јавна расправа.