„Го сакам Водно“: Никнуваат вили во селски атари и на земјиште кои мистично станува приватна сопственост

Времето минува, специјален закон за Водно не се ни разгледува. Си тече процедура на носење си некакви акти со кои ќе се намалат заштитните граници и ќе се овозможи градба каде досега не можело, реагираат од организацијата „Го сакам Водно“.

Во меѓувреме, велат активистите, никнуваат вили во селски атари и на земјиште кое мистично станува приватна сопственост во шумите на Водно.

„А, богами и ЈП Пасишта се ангажирале да наоѓаат одгледувачи на пчели , па дека голем недостиг на мед, 5.000 квадрати ги даваат на 10-годишно користење во делови каде границата на заштита ќе се менува. Дека ЈП Пасишта знаат дека со овци си имаат работа… Ете, толку можел законот за природата да (не)заштити“, се вели во реакцијата на „Го сакам Водно“, со која заедно се објавени и фотографии.

Активистите упатуваат прашање до Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ – дали е ова нивна ингеренција, или повторно не се знае кој има надлежности.

Инаку, години наназад, Водно се повеќе е сечено поради различни градежни апетити, населби што се качуваат нагоре, нелегални градби, но е уништувано и преку Македонското виртуелно село кое сега не функционира, потоа преку кулата која уште не е изградена, преку сеча на патот до нереализираниот Сончев град… Последниве години за Водно беше актуелен и гасоводот, кој моментално е закочен. Го нема ниту најавеното пошумување, како компензација за направените штети од машинеријата, иако беа издвоени 700.000 евра за оваа намена. Радио МОФ неодамна направи времеплов, чекор по чекор, како гасоводот преку разна документација, набавки, препукувања и протести влезе во шумската зона на малата планина под која живее скоро пола Македонија. Во времепловот е вклучена и постапката специјалниот закон за Водно, за кој реагира „Го сакам Водно“, но и тој никогаш не се реализираше.

[Времеплов] Како гасоводот влезе и го исече Водно