Го сакам Водно: Багерите работат без одобрение за новопроектираната гасоводна траса

Иницијативата Го сакам Водно објави визуелен приказ, каде велат се гледаат старата и новата гасоводна траса, како и моменталната позиција на багерите на Водно. Според приложеното, велат активистите, може да се заклучи дека се работи без правосилно Решение за измени на тек на градба, затоа што новопроектираната траса се’ уште не е одобрена.

„Не се во состојба да испочитуваат ни минорна отстапка која самите ја ветија! Се работи на диво, без дозвола, без надзор, без обележаност, целосно нестручно, за што како резултат имаме и неколку бутнати борови кои не се ниту блиску до трасата. Каде е ‘строгиот надзор’? Каде се инспекциите? До кога граѓаните треба да бидат единствен коректор на самоволието?!“, реагира Го сакам Водно.

Претходно, активистите објавија дека багерите се стигнати на стотина метри од врвот на Водно, а вчера реагираа дека машинаријата и луѓето горе работат без надзор, без стручна контрола, во недела на неработен ден, на неодбележан терен и на дел од Водно за кој нема дозвола за градба.