Го сакам ГТЦ: Со инаетот на Владата не може да се натпреваруваме, поддршка за Шарена револуција

По најавите дека власта не се откажува од идејата Градскиот трговски центар да го облече во барок, и покрај силните негативни реакции на граѓаните и архитектите, иницијативата „Го сакам ГТЦ“ порача дека Скопје 2014 може да се спречи само падне оваа Влада.

Тие повикаа на излегување на улица и дадоа поддршка за Шарената револуција и утрешниот протест.

„Досега пробавме сè за да го заштитиме нашиот сакан ГТЦ. Го гушкавме, го браневме, му пеевме песни, едукативни прошетки, издававме книги, обединивме стручна и општа јавност за негово зачувување. Што е најважно, минатата година организиравме референдум каде ГТЦ доби повеќе гласови од било кој политичар или партија претходно.

Го сакам ГТЦ

Сепак, со инаетот на Владата не може да се натпреваруваме. Во услови кога Триумфалната порта се смета за културно наследство, а се притвораат активисти што ја шараат, како треба да реагираме на очигледноста на изиграните закони? Како системското уништување на еден град не е поголем вандализам од фрлањето боја??

Оваа влада е целосно исклучена од реалноста. Дента кога ЕУ ги блокираше ИПА фондовите и блокираше големи инфраструктурни проекти како автопатот кај Демир Капија и пругата кон Бугарија, тие и ги одземаа надлежностите на о. Центар за да потрошат нови десетици милиони евра на уништување на културно наследство. Со оваа влада нема разбирање, а Скопје 2014 може да се спречи само ако владата падне. Затоа, ги повикуваме сите наши поддржувачи да се приклучат на протестот во среда на Шарената Револуција. Покрај правда и слобода, од улица да се избориме и за нашиот ГТЦ!“, велат од иницијативата.