Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес ја најави реализација на проектот за новиот Луна парк, за кој градските власти велат дека е значајна инвестиција што ќе го донесе модерниот семеен парк за забава што го заслужува Скопје.
„Со започнувањето на јавната набавка за проектирање и монтажа, градот влегува во нова фаза на урбана трансформација која ќе понуди современи атракции, целосна пристапност и нови содржини за сите генерации“, посочуваат од Град Скопје.
Според градоначалникот Ѓорѓиевски, се работи за „ултра модерен Луна парк, еден од најдобрите во регионот, изграден според највисоки европски стандарди“.
„Ќе создадеме простор исполнет со ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност и целосно ново ниво на урбана забава. Посебно внимание посветуваме на пристапноста“, изјави Ѓорѓиевски.
Како што најави, Луна паркот ќе биде комплетно прилагоден и за лицата со попреченост, со најсовремени системи за безбедност, видео надзор и прва помош.
„На овој простор од 84.000 квадратни метри ќе никне место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде ќе има зони за одмор, улична уметност, локации за културни настани и театар со затворена сцена. Панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка и уште многу други реквизити ќе создадат уникатна атмосфера која ќе го збогати туристичкиот имиџ на Скопје“, најави Ѓорѓиевски.



