Визуелниот идентитет на годинешното издание на „Скопскиот џез фестивал“ ќе биде постер изработен од уметникот Ѓорѓе Јовановиќ, кој, како што објави самиот на социјалните мрежи, со овој фестивал има повеќедецениска лична врска.
„Започнав да одам на концертите на ‘Скопскиот џез фестивал’ во 1996 година, додека сè уште бев средношколец. Овој фестивал длабоко го обликуваше мојот музички вкус и мојот светоглед“ напиша Јовановиќ потсетувајќи на позначи имиња кои настапуваа на фестивалот во минатото, како Џон Лури и ‘The Lounge Lizards’, Џанлуиџи Тровези, Раби Абу Халил, како и на настапите на легенди како Орнет Колман, Пет Метини, Херби Хенкок, Чик Кореа и други.
„Затоа, за мене е голема чест и огромна радост што Оливер Белопета и неговиот тим ме поканија да го изработам постерот за годинешното издание на фестивалот. Ви благодарам, Скопски џез фестивал – се гледаме во октомври!“, напиша Јовановиќ.
„Скопскиот џез фестивал“ се одржува секоја година во Скопје почнувајќи од 1982 година. Годинава ќе се одржи во октомври.
„Малку познат факт е дека ‘Скопскиот џез фестивал’ е македонски бренд со убедливо најголем број значајни награди (преку четириесет) на светските маркетиншки фестивали (вклучувајќи и „Гранд при“ на најпознатиот, во Кан). Визуелниот идентитет на ‘Скопскиот џез фестивал’ му обезбеди препознатливост и исклучителен рејтинг во светот. Не само со плакатите, туку и со видео клиповите (анимираните или оние работени на филмска лента), со монографиите, програмските каталози и со календарите – единствени во светот од тој тип“, велат од фестивалот.
Тие, со изложбата во МКЦ, во 2021 година, им заблагодарија на сите дизајнери и агенции со кои ја граделе визуелната историја на фестивалот.