Германија го подобрува системот на вентилација во борба со Ковид-19

Германската влада ќе инвестира 500 милиони евра во подобрување на системите на вентилација во јавните згради за да го спречи ширењето на коронавирусот, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Во однос на ова, ќе се доделуваат неповратни средства за подобрување на циркулацијата на воздухот во јавните канцеларии, музеите, театрите, универзитетите и училиштата. Приватните компании се уште не можат да аплицираат за ваков вид на стимулации.

Вирусите се шират преку ситни капки наречени аеросоли, кои инфицирани луѓе ги испуштаат, особено кога киваат или кашлаат. Истражувања покажуваат дека аеросолите може да останат во воздухот во одредена просторија најмалку осум минути.

Постуденото време ги става луѓето во уште поголем ризик бидејќи поминуваат повеќе време во затворени простории.

Главната цел на овие грантови е да се подобрат постојните системи за климатизација, наместо да се инсталираат нови, што чини повеќе пари. За секоја надградба може да се добијат максимум 100.000 евра. Финансирањето е исто така достапно и за сензори за јаглероден диоксид кои покажуваат кога воздухот во просторијата е нездрав и застоен.

Владата сака во училиштата каде нема централни системи за климатизација, да се воведат барем мобилни прочистувачи на воздух. Но, многу ќе зависи и од тоа дали просториите можат да се проветруваат едноставно со отворање на прозорците.