Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ денеска одржа герила-акција пред Министерството за животна средина и просторно планирање. Активистите симболично поставија три празни столчиња наменети за министерот Муамет Хоџа, заменик-министерката Ане Лашкоска и Беса Татеши, раководител на Интегрирана контрола и спречување на загадување, испраќајќи порака за, како што велат, нивното отсуство од решавањето на проблемот.
Акцијата се одржа во пресрет на рокот до кој фабриката „Титан Усје“ треба да поднесе барање за нова А-интегрирана еколошка дозвола. Активистите направија и визуелен приказ на работата на фабриката, посочувајќи дека додека компанијата остварува профит, граѓаните се соочуваат со загадување на воздухот.
Од „Титан Усје“ велат дека работат целосно во согласност со законските прописи и барањата од нивната А-интегрирана еколошка дозвола.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А-интегрирана еколошка дозвола, при што честопати применуваме и внатрешни стандарди кои се построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции не констатирале никакви надминувања на законските лимити“, соопштија од компанијата.
Во меѓувреме, Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека го почитува правото на мирен протест и најави дека ќе организира јавна расправа за постапката за обновување на дозволата за „Усје“. На расправата ќе бидат поканети претставници на граѓанските организации, иницијативи и стручната јавност, со цел процесот да се води транспарентно и во дијалог со сите засегнати страни.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа го почитува и поддржува секој мирен протест како демократско право на граѓаните и останува посветен на јакнење на транспарентноста и отвореноста на институцијата. Во таа насока, како што веќе беше најавено пред медиумите, Министерството ќе организира јавна расправа за постапката за обновување на дозволата за УСЈЕ, за што веќе е поднесено барање. На расправата ќе бидат поканети сите засегнати страни, вклучително и претставници на граѓанските организации, иницијативи и стручната јавност. Сметаме дека суштинскиот придонес се остварува преку отворен и аргументиран дијалог во институционални рамки, стои во соопштението на надлежното министерство.За Титан Усје А-дозвола за дишење, наместо за гушење,Операторот на Титан Усје не смее сам да врши мониторинг, Континуиран мониторинг на сите 12 емисиони точки на Титан Усје, Титан Усје не смее сам да врши мониторинг, се само дел од пораките кои присутните граѓани на денешната герила акција го порачаа пред присутните медиуми и јавност, како апел упатен до надлежното Министерство за животна средина и просторно планирање.





