ГЕФ и „Изгрејсонце“: Граѓаните да добијат поголема контрола над енергијата за праведна транзиција кон зелена економија

Енергетската демократија е значаен процес кој ќе овозможи граѓаните да имаат поголема моќ во поглед на нивните енергетски потреби, со што се создава подемократско и поинклузивно општество преку решавање на состојбата на демократијата во рамките на ЕУ и земјите кандидати, како и разгледување на економски алтернативи и итноста на климатските промени.

Ова се заклучоците од вебинарот кој го организираа здружението „Изгрејсонце“ и Европската зелена фондација (ГЕФ), во склоп на проектот „Трансфорамција кон енергетска демократија.

Копретседателот на ГЕФ и основач и координатор на тинк-тенкот „Оикос“ Дирк Холеманс кој ја претстави публикацијата „Граѓанска енергија: Остварување на енергетска демократија“, посочи дека треба да се стави крај на енергетската сиромаштија, да се отворат зелени работни места, да се зајакне партиципативната демократија, но и да се видат вистинските промени, додавајќи дека, доколку ова се примени во енергетиката, ќе се стигне до принципот на енергетска демкратија.

„Обновливата енергија има цена за да се инсталираат системите, и треба да се размислува не само за намалување на сметките за струја, туку и да се подобри енергетската ефикасност. Никој нема монопол над сонцето и ветрот“, рече Холеманс.

Професорот Стефан Бужаровски пак, кој предава на Универзитетот во Манчестер истакна дека во Северна Македонија и земјите од Југоисточна Европа е видлива енергетската сиромаштија, односно, таа е како последица на зголемување на цената на електричната енергија, падот на стандардот, но и големите проблеми со нискиот степен на енергетска ефикасност на застарените градби во кои станарите немаат средства за реновирање на домовите.

„Самото загадување во зимските месеци е директно како резултат на енергетската сиромаштија поради несоодветните системи за греење“, потенцираше Бужаровски.

принтскрин од вебинарот

Според пратеничката и лидерка на зелената партија Демократска обнова за Македонија (ДОМ) Маја Морачанин, најзасегнати од климатските промени се најранливите категории на граѓани, истакнувајќи дека транзицијата затоа мора да биде праведна и да се промени економскиот модел кон зелена и циркуларна економија.

„Тоа е пат на кој ќе има многу препреки затоа што за секоја промена е потребно време, но сите заедно здружени можеме да направиме овие промени да се случат. Енергетската ефикасност и енергетската транзиција се дел од една идеја базирана на придвижување кон поголема искористеност на обновлите извори на енергија. Со подзаконски акти и промена на регулативата треба да им се овозможи на помалите субјекти и граѓаните на исплатлив начин да поставуваат фотоволатаци и директно да учествуваат во производството на соларна енергија бидејќи сегашните услови се ограничувачки и не делуваат мотивирачки. Клучно е во целиот процес искористувањето на бенефитите од сончевата енергија да ги уживаат граѓаните, а не само големите бизниси“, децидна беше Морачанин.

Организаторите на вебинарот истакнаа дека двете организации во претходните три години биле пионери на темата Енергетска демократија во земјава, порачувајќи дека ќе продолжат со разработка на европските искуства во енергетскиот сектор и стимулирање на позитивни промени во земјава и во регионот.