„Game Dev Rev 2025“: Првата конференција за развој на видео игри во Македонија го испиша своето прво поглавје

Во МНТ на 16 октомври се одржа деби изданието на „Game Dev Rev“, првата интернационална конференција посветена на индустријата за развивање видео игри во Македонија.

Како што велат од Асоцијацијата на македонската индустрија за видео игри – МГИ, се работи за конференција која ги поврза регионалните креативни сили.

Настанот привлече повеќе од 350 посетители – студенти, професионалци, независни студија и компании од регионот, амбасади, институции, организации, кои имаа можност да следат предавања, дискусии, Fireside chat и Indie Expo зона. На сцената говореа експерти од Америка, Јапонија, Турција, Европа, Македонија и регионот.

Од Министерството за култура ја нагласија поврзаноста меѓу креативноста и културната политика.

„И двете започнуваат со идеја што може да прерасне во нешто големо“, рече ресорниот министер Зоран Љутков, тврдејќи дека ќе продолжат ја поддржуваат конференцијата и понатаму, а притоа ја охрабри младата генерација да сонува, создава и соработува.

На ова се надоврза директорот на Европската федерација на гејм девелопери, Јари-Пекка Калева:

„Македонската гејм дев заедница можеби е мала, но е полна со талент и страст – две работи што можат да те одведат далеку во оваа индустрија. Чест ми е да објавам дека МГИ стана дел од Европската федерација на развивачи на видеоигри (EGDF). Верувам дека со меѓусебна поддршка и отворени можности, Македонија може да стане центар што не губи, туку привлекува таленти“.

Еден од централните моменти беа говорите на Илари Куитинен (Финска), Кејт Едвардс (Америка), Кеи Хироки (Јапонија) на кои, како ветерани со повеќе од 30 години искуство и работа во гејм девелопментот, им беше доделено и признанието „Eternal Legacy Award“ за исклучителен придонес во глобалната гејм дев индустрија.

Исто така особена заинтересираност привлече и панелот „Game Divas: Empowering Women in the Gaming Industry“, посветен на жените во гејминг индустријата.

„’Game Dev Rev 2025’ го означи почетокот на ново поглавје – создавање на национална платформа за контакти, соработка и образование во гејминг секторот. Покрај конференцијата, програмата вклучи и VIP networking активности, културна тура низ Скопје, и пост-конференциска прошетка по Кањон Матка и пештерата Врелo“, посочуваат од Асоцијацијата.

Организаторите најавија дека „Game Dev Rev 2026“ ќе се одржи повторно, на 15 октоври 2026, со амбиција настанот да прерасне во традиционален регионален форум за развој на видеоигри и креативни технологии.

Настанот го организираше Асоцијацијата на македонската индустрија за видео игри – МГИ, со поддршка од Министерството за култура и туризам на Македонија, Western Balkans Fund, како и со учество и поддршка на бројни домашни и регионални партнери.