[Галерија] Се отвори стационарот „Лајка“ – на скопските улици има речиси 2.000 кучиња скитници

Операциони сали, соба за интензивна нега, амбуланта, салон за нега на кучињата, соба за постоперативен третман и Парк за интеракција се некои од работите со кои располага стационарот „Лајка“ кој денеска официјално беше пуштен во употреба, година и пол по формирањето на претпријатието.

Капацитетот на објектот е за околу 100 кучиња, а секој од кафезите, односно целиот објект е со подно греење. Надлежните потенцираа дека станува збор за убедливо најдобрите стандарди во оваа област. За изградбата на стационарот донирале повеќе од дваесет градежни фирми, а објектот чинел околу 30 милиони денари.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов потенцираше дека „Лајка“ не е само објект, туку, како што рече, еден поинаков концепт во третманот на бездомните животни.

„Пред година и половина кога размислувавме за повеќедеценискиот проблем кој градот Скопје го има со кучињата скитници, рековме дека треба целосно да го смениме концептот, и ова денеска што го гледате е всушност почеток на тој еден концепт, и ова официјално значи историја за поранешниот стационар или концепт ‘Вардариште’“, изјави Шилегов.

Тој посочи дека проблемот на бездомните кучиња, очекува да почне системски да се решава, а со цел една до две години отсега да се намали бројот на кучињата на улиците, но и бројот на граѓани кои се каснати од бездомни кучиња.

Директорката на претпријатието Тина Петрушевска во однос на вдомувањето на животните посочи дека тоа, меѓудругото, ќе се прави на мултифункционалниот сајт и социјалните мрежи, каде граѓаните ќе можат да ги видат милениците кои се спремни за вдомување.

„Ќе имаме неколку линии за вдомување, мејлови на кои што ќе може да се аплицира, да се закажат состаноци. Доколку се работи за фамилија, истото може да го направат во ‘митинг’ собата кој е веднаш до администрација, а доколку се и похрабри или немаат проблем да видат повеќе кучиња во исто време, можат да го направат тоа на средба во паркот за миленици, или пак во самиот дел за вдомување“, порача Петрушевска.

За оние кои ќе сакаат да згрижат животно или да го посетат стационарот, ќе мора да се пријават на мејлот vdomi@lajka.com.mk или на телефонскиот број 02/2565859. Сепак, денеска по повеќе обиди од наша страна за контакт со надлежните во стационарот, никој не се јави.

Стационарот е транзит зона, посочи Петрушевска, каде како што изјави, покрај крвните анализи и процесот на кастрација или стерилизација, животните ќе бидат микрочипирани и евидентирани со ушни маркици кои ќе имаат код на секоја населба. Тоа значи, дека доколку тие не се вдомат, ќе бидат вратени во истата населба од каде што се заловени.

Во однос на условите од претходно, директорката подвлече дека постои огромна разлика.

„Прво во квалитетот на инфраструктурата, досега никогаш не беа поделени просториите првично, сега добиваме освен мал административен дел, добиваме и амбуланта која е во сопственост на градот и исклучиво за бездомните кучиња, каде ќе се спречат оние јавни набавки кои што во минатото знаеме дека не беа баш најдобри. Амбулантата, веднаш после нејзе, располага со дел кој се вика интензивна нега, потоа следува постоперативниот дел. Следува мал дел кој е за самите вработени и првично најважно што ни е, за вработените да имаат сопствено катче, во минатото вработените тука не беа третирани доволно добро, немаа каде да ги стават ни личните работи“, рече Петрушевска.

Објектот, како што вели Петрушевска има и карантин кој е поделен на два дела.

„Едниот е за кучиња кои што ќе бидат под надзор, кој што каснале граѓани, тоа граѓаните го заслужуваат и мораат да знаат, кучето што ги каснало дали е болно од нешто, или има некаков друг проблем, а доколку има можност, истото куче ќе се ресоцијализира и ќе добие свој дом. Имаме карантин и за болни кучиња кои што ќе бидат таму под надзор“, додаде таа.

Според проценката која била спроведена заедно со Факултетот за ветеринарна медицина и во соработка со АХВ, бројката на кучиња на територијата на Град Скопје е 1.970 кучиња, рече Петрушевска, која додаде дека проценката е направена според англиска метода, која е со 95% точност.

„Можеби ви изгледаат дека се повеќе, меѓутоа тоа е така затоа што се групираат во чопори. Наша задача со акцискиот план е да ги разбиеме тие чопори, и тоа се да биде на хуман начин, а граѓаните да се чувствуваат безбедно“, рече таа.

М.К.