Во јуни оваа година, фоторепортерот Ендрју Мек Конел се приклучил на спасувачкиот брод „Пруденс“, на хуманитарната организација „Лекари без граници“, за да ги фотографира мигрантите и бегалците кои ги ризикуваат своите животи за да стигнат до Европа.
Тој истовремено ги слушал и нивните приказни кои ги пренел во серијалот фотографии „Преминот“. Поминал 12 дена на бродот. За два дена 726 луѓе биле спасени од брегот на Либија. Мек Конел вели дека овие фотографии се даде оддаде почит за сите изгубени животи во Средоземното Море.
Фотографиите се направени со долга експозиција, со движење на фотоапаратот за да се пренесе отсјајот на месечината во морето.
Весам, 21 година, Сирија
Ја напуштив Сирија кога имав 15 години за да помогнам на мојата мајка, браќата и сестрите. Бомбардирањето беше насекаде. Една ноќ, граната го погоди нашиот кров. Во тоа време, татко ми беше уапсен под лажно обвинение, се уште не знаеме дали е жив или мртов. Тргнав кон Триполи во Либија, каде чичко ми имаше ресторан. Не излегував многу, бидејќи немав доверба во луѓето. Тогаш, чичко ми и други луѓе од ресторанот беа киднапирани, мачени и заробени за оштета. Не сакав повеќе да живеам на тој начин. Или ќе умрам на море, или ќе добијам шанса да живеам во друга држава.
Брајт Океке, 17 години, Нигерија
Патот од Нигерија до Либија не е лесен. Поминавме низ пустини, се мачевме и мачевме со многу малку храна и вода. Во Либија се беше лошо. Си реков „ајде да најдам работа со која ќе можам да платам бродска карта и да си ја обезбедам иднината“. Една година работев како чистач и потоа заминав за Сабрата да го чекам бродот. Стотици луѓе чекаа, не можете да спиете бидејќи бе касаат инсекти. На бродот луѓето повраќаа, но не и јас бидејќи сум силна личност. Многу се молев: „Те молам немој да дозволиш нешто да ми се случи овде“.
Мохамед Фајруз, 23 години, Бангладеш
Луѓето не го прифаќаа моето семејство, велејќи дека ние сме Пакистанци, не Бангладешани. (Нашите баби и дедовци беа од Пакистан). Откако Бангладеш стана независна држава во 1971 година, луѓето кои не можеа да одат во Пакистан беа испраќани во кампови (како оние каде ние живеевме), каде условите беа ужасни. Помислив да одам за Либија и да го спасам моето семејство. Во Бенгази работев како возач и други чудни работи, но не добивав пари. Понекогаш бев претепуван кога ќе побарав плата, па решив да се впуштам во патот до Европа. Една вечер заедно со друга група бев донесен до голем дрвен брод. Бев престрашен од бескрајното море. Не знам да пливам, па зјапав во подот и не го подигав погледот.
Омајма, 21 година, Мароко
Имав многу проблеми со мојот татко, како и сите мои браќа и сестри. Тој беше зависник од дрога и ја тепаше мајка ми со каиш, се додека не и пушти крв. Кога ќе се вратеше дома не тепаше сите со тоа што му е на дофат. Кога и кажав на мајка ми дека сакам да одам во Европа, таа беше тажна и ме праша како можам да ја напуштам кога е болна. И ветив дека ќе се вратам кога ќе стекнам образование. „Што ќе правам ако умреш?“, ме праша. И одговорив да ми прости ако се случи тоа.
Вего Фока Ромео, 25 години, Камерун
Кога имав 12 години ја загубив мајка ми. Престанав да одам во училиште и почнав да работам на фарма во северен Камерун. Еден ден се вратив од полето за да видам дека Боко Харам го запалила моето село. Се беше уништено. Отидов да работам во Чад со еден мој пријател. Еден човек не најде и не донесе во Либија да работиме на негово градилиште, но бевме киднапирани од непознати лица. Не тепаа и ни велеа да се јавиме на нашите семејства и да бараме пари. Немав никој на кому би се јавил, па ме продадоа на човек на кого му требаше работник. Ми даваше храна и беше добар со мене, но не ме плаќаше. Кога ја напушташе Либија ме праша дали би сакал да се вратам во мојата родна земја, но, му реков „не, немам никого таму“. Па ми плати да го преминам морето.
Ибрахим Фофана, 22 години, Гамбија
Животот во Либија беше многу тежок. На границата, некои Арапи не нападнаа и убија тројца луѓе. Ни ги одзедоа телефоните и не однесоа на место наречено Саба, кое беше ужасно. Дојдоа со нивните пушки и не носеа да работиме. Една недела не се враќавме назад. Работевме тешки физички работи, без да ни дадат вода и храна. Останав таму скоро два месеци, како роб, во куќа која не можев да ја напуштам. Затоа се одлучивме да го преминеме морето. Моравме да избегаме.
*Сите фотографии се дело на Ендрју Мек Конел за фото афенцијата Панос.