[Галерија] Концертот на Филхармонија ја разбуди носталгијата за старите „цртани“

Градскиот парк синоќа беше преполн. Огромна публика дојде на отворениот концерт на Филхармонија за да се потсети на „цртаните“ од своето детство.

Оркестарот, под диригентската палка на Џијан Емин, ги отсвирија музичките теми од култните цртани филмови од земјите од Источниот блок, кои го обележаа детството на генерациите од 70-тите и 80-тите години.

Оркестарот ги изведуваше музиките од цртаните филмови „Ну погоди“, „Балтазар“, „Как Казаки“, „Козле Бозле“, „Густав“, „Мечето Ушко“… Тие беа проследени и со видео-проекција на која беа прикажани сегменти од „цртаните“.

Во публиката имаше и од помладите генерации. Тие не ги знаеја сите цртани филмови, но се забавуваа со музиката.

Наредниот ваков отворен концерт ќе се случи на 29 јуни, насловен „Љубов и револуција“, повторно под диригентсво на Џијан Емин.

Ќе бидат изведени песни на култните „Рејдиохед“, Ник Кејв, „Бисти Бојс“, „Продиџи“, „Нирвана“, Дејвид Боуви, „Секс Пистолс“, „Клеш“, Џими Хендрикс, „Пинк Флојд“, „Рамштајн“…

Концертите се организираат во соработка со Младинскиот културен центар и Град Скопје.

Емилија Петреска

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.