Тимот „Фиат 500“, составен од Ивана Блажева, Меланија Петровска и Петар Димов, победи на Дебатното првенство 2025 кое се одржа на 17 и 18 мај на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Тие ова лето ќе ја претставуваат државата и Младинскиот образовен форум (МОФ) на интернационалниот турнир во Прага – „Prague Debate Spring“, заедно со нивниот тренер.
Финалисти беа и Андреј Зафировиќ, Константин Иоуанну и Ристе Златев – тимот „Роберт, Антонио и Атанаси“, кои заедно со „Фиат 500“ дебатираа на финалната теза: „Овој дом е против пренасочување на средствата од граѓанскиот сектор кон војската од страна на ЕУ“.
Ова дебатно првенство е дополнително искуство и еден чекор поблиску за дебатерите да влезат во тимот за Европско првенство, кое ќе се случи наредната година во Скопје. Учествуваа средношколци дебатери од повеќе македонски градови, а судеа студенти кои имаат учествувано на студентските дебатни турнири. „Овој дом би ги централизирал сите напори за истражување на вселената под единствено меѓународно тело и би ги забранил сите други напори“, гласеше тезата за која дебатираа учениците во четирите прелиминарни рунди.
Дебатниот формат по кој се одржа натпреварот беше „World Schools Style debate“.
„Дебатната програма на МОФ на средношколците и студентите со години им нуди подиум за покажување на своите говорнички и ораторски способности, критичко размислување и истражување на зададените теми кои подоцна помагаат младите да придонесат во заедницата“, ни рече Дора Смилевска, поранешна координаторка на програмата, кога разговаравме за најавата на Дебатното првенство.
Годинава, првенството го организираше МОФ самостојно на, како што истакна Дора, иницијатива на најсилните борци – дебатери кои не сакаа годината да заврши без турнир. Правниот факултет и Центарот за студентска дебата помогнаа со просторот.
„Судир“ на средношколската и студентската дебата – Дебатно првенство 2025 на 17 и 18 мај
Ангела Петкова
Фото: МОФ