[Галерија] Бруталистички свет

Новата фото-книга на Питер Чедвик прикажува некои од највпечатливите примери на популарниот архитектурен жанр, од „вертикалниот град“ на Ротердам, до кулата-капсула во Токио.

Библиотеката Гајсел, Сан Диего

Дизајнирана од Вилијам Переира и соработниците, а отворена во 1970 година, библиотеката требало да биде лоцирана во центарот на кампусот на Универзитетот на Калифорнија. Станала значаен симбол за универзитетот, а некое време била и дел од неговото лого.

Де Ротердам, Холандија

Овие познати поврзани кули се нарекуваат „вертикален град“, а во нив има станови, канцеларии, продавници и ресторани. Дизајниран од ОМА, проектот бил завршен во 2013 година, после четири години градба. Де Ротердам е дел од новиот изглед на старата пристанишна област на градот, Вилхелминапиер.

Терминалот TWA, Њујорк

Иро Саринен бил платен да дизајнира терминал на аеродромот Џон Фицџералд Кенеди, кој ќе го „долови духот на летањето“. Изградбата започнала во 1956 година и завршила во 1962, една година откако Саринен починал од тумор на мозокот. Бил прогласен за споменик на Њујорк во 1994, а не се користи од 2001, бидејќи не може да поднесе потешки летала. Минатата година беше објавено дека ќе биде пренаменет во хотел.

Капелата на зајдисонцето, Акапулко

Ова е „зграда која го слави животот и ја оплакува смртта“, изградена во 2011 година од  мексиканските архитекти од Бункер Архитектура. Идејата е да прикажува контрасти: стакло и бетон, класични пропорции и видлив хаос. Сместена е на ридовите на Акапулко, кои се составени од огромни гранитни камења, а е направена да изгледа како уште една карпа.

Автобуската станица Касерес, Шпанија

Локалниот архитект Хусто Гарсија Рубио работи претежно со бетон, а ја креирал оваа автобуска станица исклучиво од цврст бетон. Изградена е во 2003 година, а е сместена меѓу градинка и училиште во близина на парк. Визуелно е многу поразлична од околните згради.

Институтот Салк, Сан Диего

Џонас Салк, кој ја откри првата успешна вакцина за полио, го основаше институтот кој го носи неговото име во 1960 година. Зградата каде е сместен денес е дизајнирана во 1965 година од Луис Кан.

Кулата-капсула Нагакин, Токио

Првата зграда со ваков дизајн, Накагин, е изградена за да служи како сместување за бизнисмени кои постојано патуваат. Креирана е од Кишо и Куросава архитектонското биро, а е изградена во 1972 година.

Парламентарна зграда, Чандигар, Индија

Ле Корбизје бил најмен како основен архитект и урбанист на новиот град Чандигар. Изграден после независноста на Индија во 1947 година, новиот град бил планиран како административен центар за новоформираната влада. Градбата била завршена во 1962.

Големата централна водена кула, Јоханесбург

Бетонскиот резервоар со облик на конус е изграден во најголемиот град во Јужна Африка во 1996 година. Дизајниран е од ГАПП архитекти и урбани дизајнери.

Зградата Бруер, Њујорк

Австрискиот архитект кој учел во Баухаус школата, Марсел Бруер, ја изградил оваа зграда во 1966 година на авенијата медисон и 75-тата улица. Беше дом на Витни музејот на американска уметност до минатата година, а сега е дел од Метрополитенскиот музеј на уметност.

Извор: Guardian