Фронт 21/42 бара нова јавна расправа за Шара: Вчерашниот онлајн настан не беше расправа, туку фарса

Двочасовната јaвна расправа по Нацрт – законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк не може да се нарече јавна расправа, туку формално „штиклирање” на законската обврска, реагираат од невладината Фронт 21/42.

Оттаму забележуваат дека премалку време им се дало на граѓаните да постават прашање или пак да споделат свој став. Севкупно, онлајн настанот траел два часа, од кои час и половина било презентација, а само 30 минути за расправа.

„Во тоа кусо време, во кое јавноста имаше можност да се вклучи со свои коментари, не му беше даден збор на секој кој побара да го искористи своето законско право; тие што добија збор всушност и не можеа многу да кажат, бидејќи модераторот си земаше за право на непочната реченица да се вмешува во излагањето или воопшто да не им дозволува на говорниците да се вклучат со свои коментари. Во еден момент, текстуално и преку пораки, се поставија повеќе прашања кон Министерството и граѓаните бараа да бидат удостоени со одговор, но од страна на модераторот им беше кажано дека Министерството ќе даде одговори на крај од дискусијата, што реално не се ни случи“, стои во реакцијата на Фронт 21/42.

Дополнително, проблематично за нив е што самиот начин на онлајн расправата, како и ограниченото време, не овозможиле вклученост на сите страни, бидејќи некои од засегнатите граѓани кои живеат во руралните средини не можат директно да пристапат кон ваквите виртуелни платформи.

„Ја разбираме актуелната ситуација предизвикана од пандемијата и неможноста дебатата да се организира со физичко присуство, но тоа не треба да биде причина, ниту оправдување за она што го искусивме. Начинот на кој се одвиваше оваа јавна расправа е директно прекршување на членот 6, став 4 и 5 од Архуската конвенција – главната меѓународна конвенција која го уредува и заштитува учеството на јавноста во донесување на прописи и одлуки кои ја засегаат животната средина. Поентата на една јавна расправа, како клучен дел од консултациите со јавноста – е да им даде простор на претставниците на јавноста да ги искажат своите ставови, барања, прашања, итн. за нацрт документот, пред истиот да биде усвоен. Тоа е поентата на партиципативната демократија – јавноста има улога во кроењето на политики кои ја засегаат“, стои во реакцијата.

Од невладината бараат да се закаже и одржи нова јавна расправа, која како што посочуваат, ќе овозможи доволно време за сите засегнати страни да ги искажат своите ставови, постават прашања и да добијат соодветни одговори.

„Бараме вистинска јавна расправа чија цел ќе биде суштински консултации со засегнатата јавност“, се вели во нивната реакција.

Од Фронт 21/42 ги потсетуваат институциите и Министерството за животна средина и просторно планирање на последната критика од извештајот на ЕК за земјата, а која се однесува на подобрување на квалитетот на презентациите и на процесот на јавните расправи, особено за проекти поврзани со хидроенергија, рударство и инфраструктура.

[Галерија] Убавините на Шара – планината која чека да стане национален парк