Французинка доби девет месеци затвор за расистичка навреда на министерката за правда

Ан-Софи Леклер, поранешна членка на францускиот екстремнодесничарски Национален Фронт (ФН) и носителка на листата на партијата на локалните избори во Ретел, беше осудена од Судот во Кајен на девет месеци затворска казна и пет години забрана да биде избирана на јавни функции, поради тоа што ја спореди министерката за правда на Франција, Кристијан Тобира со мајмун, јави дописникот на МИА од Париз.

Французинка доби девет месеци затвор за расистичка навреда на министерката за правда

Тужбата против поранешната припадничка на ФН беше поднесена од страна на политичката партија Валвари од Француска Гијана, кој е создадена од Тобира, со цел да ја „разоткрие идеолошката основа на партијата на Марин Ле Пен“.

Судот отиде подалеку од барањето на јавниот обвинител, досудувајќи построга казна од бараната. Покрај затворската казна од девет месеци Леклер, која во меѓувреме беше исклучена од ФН, заработи и парична казна од 50 000 евра. Исто така и Националниот фронт е осуден на 30 000 евра парична казна.

Од ФН реагираа на казната оценувајќи ја како „смешна и политичка“, пренесе МИА.

На 17 октомври минатата година во една репортажа на француската телевизија беше прикажана Ан-Софи Леклер, членка на ФН од 2012 година и сопственичка на продавница за риболовен материјал во Ретел во Ардените, како се обидува да состави листа на кандидати за општинскиот совет во овој град од 7.000 жители.

Таа на својата Фејсбук страница имаше поставено фотографија-фотомонтажа на која на една страна имаше мал мајмун, додека на другата министерката за правда со описот: „на 18 месеци и сега“. Таа се бранеше дека тоа е „хумор“ и сликата беше повлечена од Фејсбук неколку дена подоцна, по што таа беше исклучена од ФН.