Франција сака нова тастатура за да го заштити својот јазик

Франција неодамна отпочна нова кампања за заштита на својот јазик, откако во секојдневната комуникација се почесто се користат зборови со англиско потекло, како на пример „хаштаг“ и „селфи“. Деновиве, француската влада соопшти план за стандардизирање на нивната тастатура, позната како AZERTY, која се користи веќе сто години, со цел да го заштити и негува сопствениот јазик.

Министерот за култура и комуникации изјави дека „речиси е невозможно точно да се пишува францускиот“ со тастатурите кои се продаваат денес во светот, што значи дека граматичките правила се прекршуваат редовно. Министерството воспостави соработка со група програмери кои ќе работат на нова тастатура, која ќе и биде претставена на јавноста ова лето.

Вообичаен модел на тастатура што го користат американските и европските земји е QWERTY, додека француската тастатура AZERTY досега никогаш не била стандардизирана. Тоа значи дека овие два модела се разликуваат од еден производител на друг, што им отежнува на корисниците да најдат одредени копчиња за акцентираните знаци.

На пример, знаците „@” и „€” не се усогласуваат во двата модели на тастатура. Исто така, акцентираните големи букви може да претставуваат проблем бидејќи потребни се команди кои не се вообичаени за голем број корисници. Французите најчесто го користат изразот „Ça“ („тоа“) во почетокот на реченицата, меѓутоа на вообичаените тастатури ја нема акцентираната буква „Ç“.

Француската академија веќе 300 години го штити интегритетот на францускиот јазик, неодамна најмногу од влијанието на англискиот јазик. И покрај тоа што се зголемува бројот на луѓе кои го зборуваат овој јазик, постои загриженост за неговата иднина. Нови истражувања покажале зголемување на правописните грешки меѓу француските студенти, и имаше неколку дебати околу тоа дали текстуалните пораки и други форми на онлајн комуникацијата сносат дел од вината.

AFNOR, групата која ќе работи на новата тастатура, соопшти дека процесот е отворен за секој којшто сака да учествува.