Фоторепортери осудени на казна затвор во Белорусија поради известување од протестите

Окружниот суд во Минск пред два дена ги осуди фоторепортерот на „Радио Слободна Европа“ (РСЕ) Улаз Хрудзин и фриленс фотографот Александар Васукович на 11 дена затвор за „учество во неовластен собир“ во белоруската престолнина, пренесува српски „Н1“.

Наградуваниот фотограф Хрудзин, кому неодамна му беше одземена акредитацијата додека работеше како дописник на „РСЕ“ во Минск и Васукович се прогласени за виновни за кршење на законот на Белорусија за масовни собири.

Двајцата фотографи и уште еден новинар беа приведени од група луѓе во бар во Минск на 13 септември, денот кога десетици илјади луѓе се собраа во главниот град во знак на протест против официјалните резултати на претседателските избори кои се одржаа на 9 август, на кои беше прогласена победа на актуелниот претседател Александар Лукашенко.

Протестите во Белорусија започнаа по изборите на 9 август на кои според официјалните резултати, Лукашенко го освои шестиот мандат, освојувајќи повеќе од 80 отсто од гласовите.

Демонстрантите, но и западните земји изборите ги оценија како наместени. Опозициските групи сега бараат нови избори, ослободување на политичките затвореници, како и независна истрага за полициското насилство врз демонстрантите по изборите.