(Фото)„Притисни“ поинаков избор: Уметничка инсталација против говорот на омраза во Скопје

На скверчето кај КИМ, на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, денеска беше поставена уметничка интервенција во форма на голема скулптурална тастатура со порака „Стоп за говорот на омраза“.

Инсталацијата, инспирирана од симболиката на тастатурата како основно средство за дигитална комуникација, го пренесува виртуелниот простор во физичка, јавна форма. Со тоа, пораката за одговорно однесување онлајн се поставува директно пред граѓаните во урбаниот простор.

Фото: Иновативни медиуми

Организаторите посочуваат дека поставувањето на делото на фреквентна локација има за цел да поттикне размислување за начинот на комуникација, особено во дигиталната сфера, каде говорот на омраза често останува незабележан или се прифаќа како нормален. Преку интерактивниот карактер на инсталацијата, минувачите се охрабруваат да размислат за сопствената улога и одговорност во онлајн комуникацијата.

„Тастатурата симболично ги повикува граѓаните да ‘притиснат’ поинаков избор – комуникација базирана на почит, емпатија и одговорност, наместо ширење говор на омраза“, велат организаторите.

Иницијативата е дел од поширока серија урбани акции кои имаат за цел да отворат јавен дијалог за важни општествени прашања, како што се препознавањето и реакцијата на говорот на омраза во дигиталниот простор.

Проектот е реализиран од Центар за современи уметности – Скопје, во рамките на „Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда“, што го спроведува Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми – Скопје.”

Извор: Иновативни медиуми – Скопје